„Борбата против врсничкото насилство и агресивното однесување меѓу најмладите мора да биде поефикасна. Таа мора да почнува од секој родител, дом и од секоја општествено одговорна асоцијација, институција или здружение“, објави ОхридПрес.
Ова беше заклучено на дебатата „Црвен картон за врсничкото насилство“ што ја организира Интернационалната полициска асоцијација- ИПА Охрид со поддршка на локалната власт.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски им се заблагодари на организаторите на настанот укажувајжи дека Општината секогаш ќе има слух и активно во рамки на своите надлежности ќе се вклучува во решавање на овој проблем.
– Врсничкото насилство е проблем пред кој не смее да затвораме очи или да го игнорираме. Големиот број на инволвирани институции доволно кажува за сериозноста на проблемот и сите треба да учествуваме во негово решавање, а не игнорирање. Општината дава максимална поддршка во се што е во насока на правилен раст и развој на нашите деца, рече Божиноски.
Претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски со конкретни примери и бројки учажа на постоење на насилство и агресивно однесување од и кон младите охриѓанчиња што е исклучително загрижувачки факт.
– Борбата против врсничкото насилство и агресивно однесување меѓу најмладите , треба да ја водиме сите заедно, заради намалување на сите манифестации на насилство помеѓу учениците како крајно штетни и опасни појави кај младите но и да покажеме цврста определба, дека лично и институционално, енергично и бескомпромисно ќе ја водиме и навремено и законски ќе реагираме во сите случаи на агресивно и насилничко однесување помеѓу младите но и кон младите, што претставува голем, личен, семеен и општествен проблем, подвлече Димоски.
Предавач на трибината „Црвен картон за врсничкото насилство“ беше академик Љупчо Кеверески кој зборуваше на тема Емпатија и ЕМПАТИПЛУС-СР, како нов модел за превенција на врсничкото насилство.
– Најчесто кај нас проблемот со насилството од и над младите е резултат на задоцнети интервенции, превенција после интервенција, психолошко „маскирање“, институционална дефокусираност, институционални „парадокси“, пат на психолошкиот имунитет на младите, ерозија на емпатија, посочи Кеверески.
На настанот покрај Претседателот на Советот на Општина Охрид присуствуваа и активни и пензионирани полициски службеници, претставници од Општинскиот Совет за превенција на детско претстапништво, претставници на образовни центри од Охрид и Струга, судско-обвинителски инстанци, адвокати за малолетници од Центарот за социјални Работи и други институции од Охрид и Струга. (Крај)