Со огромна радост ве известуваме дека и оваа година, традиционално на 7 мај, среда, со почеток во 16 часот, Струга, стружани и многубројните гости од земјава и од странство, ќе бидат сведоци на најголемата, најторжествената и една од најпознатите во целиот православен свет, сенародна Струшка Еордија (Литија).
Го покануваме целиот народ да земе учество во најсвеченото чествување на Свети Георгиј на овие простори, чиишто чесни мошти и чудотворна икона, збогатени со благословот на Пресвета Богородица преку нејзината свештена икона „Гликофилуса“ (Слаткољубива или Умиление) од Бигорски, се главно обележје на годинешната Еордија.
На Еордијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносните сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста. Помеѓу возилото и Еордијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна изобразба на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древен Рим. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
На чело на самата Еордија (Литија) ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Гликофилуса, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – чесните моштите на Светиот во раскошно украсената цветна кувиклија.
Чесните мошти на Светиот Победоносец Георгиј ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.
Традиционално, пред почетокот на Еордијата (Литија), во храмот на Св. Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторска вечерна богослужба.
На самиот крај на Струшката Еордија во дворот на струшкиот храм „Св. Георгиј Победоносец“, ќе следи културно-уметнички настан, кој ќе биде изведен од страна на чуварите на нашата богата фолклорна традиција.
За повеќе информации, ве молиме обратете се кај старешината на струшкиот храм „Свети Георгиј Победоносец“, отец Васко Голабоски (078330454), чија што пожртвуваност и работа околу организацијата на древната струшка Еордија, како и познавање на традициите на истата, сиве овие години е за почит и пофалба.