На 7 мај (среда) во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на која се очекува да претстои Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан. По завршувањето на Вечерната и на ктоторската панихида следи свечената Еордија (литија) со чесните мошти на Великомаченикот и на неговата чудотворна икона. Чесните мошти ќе бидат изложени во храмот за поклонение пред да заопочне Вечерната богослужба, сѐ до започнувањето на Еордијата. Оваа година, на литијата ќе биде изнесена и чесната икона на Мајката Божја „Гликофилуса“ (Слаткољубива или Умиление).
На Еордијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносните сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста. Помеѓу возилото и Еордијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна изобразба на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древен Рим. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
Традиционално, пред почетокот на Еордијата (Литија), во храмот на Св. Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот исто така ќе биде отслужена ктиторска вечерна богослужба.
На самиот крај на Струшката Еордија во дворот на струшкиот храм „Св. Георгиј Победоносец“, ќе следи културно-уметнички настан, кој ќе биде изведен од страна на чуварите на нашата богата фолклорна традиција: „Ансамбл Македонија“.
bigorski manastir.mk











