Четири лица, од кои тројца полициски службеници се повредени во сообраќајна незгода што вечерва се случила на магистралниот пат Охрид – Струга, кај крстосницата за струшкото село Мислешево, потврди за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Според него, незгодата се случила во 17 часот и 33 минути меѓу патнички моторни возила „Форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на МВР и „Опел“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на лице на (52)г. од Струга.
– Во незгодата со телесни повреди се здобил возачот на опелот, констатирани во Медицинскиот центар Струга. Патниците во полициското возило, лице на (29) и (28) г., двајцата од Скопје и лице на (31)г. од Куманово, се префрлени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид за укажување лекарска помош. За карактерот на нивните повреди ќе следува дополнителна информација, изјави Димоски.