Се прават законски измени кои следната недела ќе се разгледуваат на седница на Владата на Република Македонија, а со кои ќе се олесни изградбата на автопатот Кичево-Охрид, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва за Тв Сител.
Тој повтори дека до пред почетокот на летната сезона ќе се пуштат во сообраќај 40 километри од автопатот. Станува збор за потегот од селото Врбјани до Охрид, со мал пресек кај Ботун, заради косини кои дополнително ќе се стабилизираат.
– Ние сега градиме автопат од Охрид до Кичево, а исто така се гради автопат и од Тетово преку Гостивар до Букојчани, со што го решаваме превојот „Стража“. Тоа што недостасува е од Букојчани до Кичево. Решивме да го градиме и да имаме целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид и Струга, секако и Кичево. Успеавме со ЕБРД да обезбедиме доста поволен кредит, процнетата вредност е 123 милиони евра, а тоа што ме радува е што обезбедивме 20 милиони евра грант или подарок, што не е мала работа, тоа е 20% од самиот пат. Во моментов имаме преткфалификација, очекувам пролет до лето да се избере изведувач и на крај на 2028 година кога ќе заврши делницата Тетово-Гостивар-Букојчани, да се заврши и делницата Кичево-Букојчани. Веќе следната година ќе биде готов од Охрид до Кичево и на тој начин ќе имаме целосно поврзување. Должината е околу 12 километри, но теренот е исклучително тежок, предизвикувачки е за инженерите да се совлада, но се нафативме и ќе го решиме, истакна Николоски.
sitel.mk
