Во осмиот ден по раѓањето, Божествениот Младенец Го донесоа во храмот и според постоечкиот закон во Израилот, како што беше од времето на Авраама, Го обрезаа. Тогаш Му го дадоа името Исус, онака како што ѝ благовестеше на Пресветата Дева архангелот Гавриил. Старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Обрезанието на Господа покажува дека Он на Себе прими вистинско човечко тело, а не привидно, како што подоцна учеа еретиците. Уште, Господ е обрезан и затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Он Самиот го дал преку Пророците и Праотците. Откако ја исполни таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос ја замени со Крштението. „Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила ниту необрезанието, туку новата твар“ (Гал. 6, 15), објавува апостолот. Во црковната богослужба овој Господов празник нема ни претпразненство ниту попразненство.
Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен, петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа свети Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики потполно заслужено. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата – апологетски, богословски, подвижнички и канонски, како и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината: во неделите на Великиот Пост, на денот на свети Василиј, наспроти Божик и Богојавление, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.