Во својата славна книга Лествица, свети Јован Лествичник известува за житието на овој светител. Младиот Акакиј беше искушеник кај еден зол старец во Синајскиот манастир. Гневниот старец везден го укоруваше и го навредуваше Акакиј, а често и го тепаше, и на сите начини го измачуваше и малтретираше. Но, Акакиј не се жалеше и сето тоа го поднесуваше трпеливо, со уверение дека тоа е корисно за неговото спасение. Кога и да го запрашаше некој како живее, одговараше: „Добро, како пред Господ Бог!“ После девет години послушание и мачење Акакиј умре. Старецот го закопа и отиде да му се пожали на еден свет старец, велејќи: „Акакиј, мојот ученик, умре.“ „Не верувам“, одговори светиот старец, „Акакиј не е умрен.“ Тогаш обајцата отидоа на гробот на умрениот и оној свет старец повика: „Брате, Акакиј, умре ли?“ А послушниот Акакиј и по смртта послушен, одговори: „Не, оче, не може да умре оној што е послушен“. Тогаш оној зол старец се покаја, се затвори во една келија близу гробот Акакиев, каде што остатокот од животот го помина во покајание и во молитва.