Наш ИзборНаш изборОхрид

Реставрирани уникатни уметнички дела од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар

Со голема радост и духовен восхит, Свештената Бигорска Обител објавува за успешната конзервација и реставрација на уникатните медаљони со шестокрилните ангели – серафими и Воскресението Христово, кои потекнуваат од историски мошне значајната црква на Пресвета Богородица во градот Дебар.

Овој свет храм, изграден во 1840 година, некогаш бил митрополитска црква на славната Дебарска Митрополија и е исклучителен споменик на духовната и културната историја на целиот дебарски крај. Тој бил центар на духовниот живот во градот, додека во неговото непосредно соседство се наоѓало познатото дебарско црковно училиште – сведок на долгогодишната традиција на образование и просвета во Дебар.

Последниве години, благодарение на иницијативата и заложбите на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, црквата на Пресвета Богородица беше подложена на опсежни конзерваторски зафати кои имаат за цел да го зачуваат нејзиното богатство за идните поколенија. Во текот на овие активности, на таванот од храмот беа пронајдени осум живописани платна – медаљони со претстави на шестокрилните ангели, серафими, и една двострана композиција на Воскресението Христово. Овие платна беа во катастрофална состојба, речиси непрепознатливи, и се сметаа за отпад.

Меѓутоа, проникливото око на Старецот препозна во нив уникатни уметнички дела од голема духовна и културна вредност. Благодарение на неговата иницијатива, медаљоните беа внимателно издвоени од отпадот и предадени на реставрација, која ја изврши професионалниот реставратор и конзерватор, г-ѓа Валентина Илијевска од Куманово. Со својата исклучителна умешност и посветеност, таа успеа да ги возобнови овие дела, враќајќи им ја нивната првобитна убавина.

Реставрираните медаљони, кои потекнуваат од 19. век, наскоро ќе бидат вратени во храмот на Пресвета Богомајка, каде што ќе продолжат да ја извршуваат својата украсно-поучна и сакрална функција.

Оваа реставрација е уште едно сведоштво за грижата на Бигорската Обител и на нашиот Старец, Епископот г. Партениј за зачувување на духовното наследство и неговото пренесување на идните поколенија. Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ продолжува да биде симбол на духовноста и културата на Дебар, а нејзината возобнова претставува пример за тоа како со љубов и посветеност може да се зачуваат и оживеат вредностите од минатото.

Изразуваме искрена благодарност и срдечни пофалби кон г-ѓа Валентина Илијевска за нејзината извонредна професионалност и посветеност, благодарение на кои овие драгоцени медаљони повторно ја добија својата првобитна убавина и духовна вредност.

Во продолжение го доставуваме нејзиниот професионален извештај за извршените реставраторски и конзерваторски активности.

Слава на Бога за сè!

 

 

 

Бигорски манастир