петок, ноември 8, 2024
АктуелноОхрид

Ангела Зимоска, докторка од Охрид која и покрај се’ наоѓа време за патување, мода и се друго што ја исполнува

Ангела Зимоска (30) од Охрид, по професија e доктор, приватен специјализант по анестезиологија со интензивна медицина, но иако најголем дел од времето го минува во операциона сала, таа секогаш наоѓа време за патувања, мода и сè што ја прави среќна во животот.

Вели дека ако се сака, сè се може.

„И покрај тоа што потекнувам од докторска фамилија, мајка специјалист педијатар и татко специјалист кардиолог, се одлучив за сосема поразлична гранка.

Тоа е анестезиологијата, мојата огромна желба, професија којашто ја работам со многу љубов, вложувајќи се максимално во неа.

Патот на специјализантот по анестезиологија е исполнет со постојано учење, посветеност и подготвеност за справување со најкомплексните моменти во медицината.

Со секој изминат ден, ја усовршувам својата умешност и разбирање за улогата на анестезиологијата – науката што им овозможува на пациентите безбедност и комфор, притоа влевајќи им доверба пред секоја интервенција.

Професијата бара внимание на деталите, смиреност под притисок и целосна посветеност на прецизноста, особено во моменти кога животите се во наши раце.

Секој пациент е различна приказна, и секој случај носи уникатни предизвици што ме поттикнуваат кон постојан раст и развој.

Надвор од белиот мантил и болничките простории, балансирањето на професионалните обврски со моите лични страсти е нешто што го негувам со голема љубов. Тоа се патувања, мода и дружби со пријателите и фамилијата.

Поголемиот дел од моето секојдневие е во операционите сали, додека во остатокот од денот наоѓам време за во теретана во којашто активно вежбам веќе 12 години.

Имам завршено и нижо музичко образование – отсек пијано, па во моето слободно време свирам и клавир што многу ме релаксира после напорната и стресна работа.

Патувањето е мојата пасија, па остатокот од слободното време го користам за да посетам и истражам некоја нова дестинација. Тоа ми овозможува одмор, инспирација и нови културни перспективи, помагајќи ми да се рехармонизирам.

Но, и покрај приватните патувања, и на професионален план во медицината имаме едукативни патувања со учество на конгреси.

Истовремено, модата е мојот начин да ја изразам креативноста, пренесувајќи уникатен стил кој ги рефлектира моите вредности и личен печат, било тоа на работното место или надвор од него.

Се трудам и покрај работните обврски да најдам време за себе и да бидам колку што е можно во тек со новите трендови.

Сакам секогаш да сум средена во секоја пригода и момент, па макар и до продавница, бидејќи така се чувствувам убаво.

Моето модно правило е: „A girl should be two things: classy and fabulous“. Тоа се според мене двата клучни и најважни елементи кај една девојка и жена.

Повеќе сум за едноставен и уникатен стил. Се водам според тоа дека едноставноста е клучна нота за вистинската елеганција.

Би избрала штикла пред патика, но знам да ги искомбинирам и двете во зависност од самиот момент и ситуација.

Второто мое мото е дека треба да се биде уникатен и поразличен од преостанатите. Имам специфичен и уникатен вкус, анализирајќи го секој детаљ, како и за сè во мојот живот.

Повеќе сум за живописните бои. Следам модни трендови и сè што е актуелно за секоја сезона, но не сметам дека сè што е во тренд таа сезона би соодветствувало на секоја жена.

Сепак, според мене секој треба да има свој стил на облекување. Исто така шопингот ме релаксира и ме смирува, па знам да го практикувам многу често кога ќе најдам слободно време.

Посебен акцент ќе ставам на чантите и чевлите, преферирам да се поскапи и поквалитетни, бидејќи тоа е одраз на женската убавина.

Мајка ми секогаш ми вика: „Пак ли? Што ќе им правиме, може продавница да отвориме“.

Секогаш се фаќам за некои мои омилени парчиња со што останатите ги заборавам во гардероберот и ми остануваат за украс.

Заборавив да напоменам дека клучен е и добриот парфем кој исто така ја окарактеризирува женственоста на една жена.

Сепак, во најголемиот дел од денот мојот аутфит е „белиот мантил“. Би сакала да истакнам и дека воопшто не е битен брендот што го носите на себе и колку тоа чини, битно е како ќе го искомбинирате и како ќе изгледа тоа на вас.

Професионалната посветеност и љубовта кон животот се две линии што се испреплетуваат и ме водат кон исполнетост и баланс, дури и во најпредизвикувачките денови“.

crnobelo.mk