Кога, според неиспитливото допуштение на Господа, Турците муслимани нападнаа на православните народи на Балканот, по поробувањето на Прилеп, дојдоа да го освојат градот Битола, во 1385 година. По четиримесечна опсада, кога успеаја во освојувањето, се оддадоа на секаков вид убивања, опустошувања, поробувања, насилство, колежи, пљачкање, разорување на домови и свештени храмови, а се зафатија и со насилно исламизирање на православниот народ. Но, откако мноштвото верни покажаа силен и необичен отпор, беззакониците особено се устремија да постигнат одрекување од верата кај најбогобојазливите монаси од свештената обител на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец и кај оние коишто во неа прибегнале. Тие, пак, бестрашно изобличувајќи ја душегубната бесмислица на лажниот пророк преку силни богопознателни докази, и јасно исповедајќи ја тајната на Христовиот спасителен Домострој, привлекоа кон верата еден Турчин преведувач, по име Хасан, којшто исповедајќи ја самоволно православната вера, се причисли кон Светите исповедници. Така, сите благоразумни Четириесетмина, по многу измачувања, беа поведени кон Баирскиот рид, и како невини овци на Господа беа обезглавени, а потоа, тираните ги развеаја нивните чесни останки по најблискиот честак на планината Баба. Затоа, откако Светите славни Преподобномаченици праведно го примија од Венцедателот Христос двојниот невенлив венец, оној на подвигот, а и на страдањето, се покажаа како светли примери на евангелско сведоштво и љубов кон Бога, и постанаа така постојани и смели застапници за оние, коишто со вера ги чествуваат и со благоговение ги просат нивните молитви пред Господа.