Нема поубава глетка од онаа во која сите души се слеваат во една иста благородна цел, како реки што се влеваат во едно море на љубов и милосрдие. Нема посилен благослов од оној што е испратен заради соборната молитва – молитва што ги симнува небесата на земјата и одекнува длабоко во нашите срца. Зашто тоа е темел на заедничката сила и издржливост, основа на верата која, како што рече нашиот Господ, има моќ и планини да поместува. Соборноста е како неугаслива огнена светлина што ги топи ѕидовите изградени меѓу нас, како зрак што ги пробива и пренебрегнува личните разлики, водејќи нè кон очистени цели за творење на доброто, заради Христа. Таа е сила што ги зацврстува храбрите срца и го буди највозвишеното во нас, пркосејќи ѝ на секоја темнина што ни се заканува.
Соборноста е невидлива низа што ги поврзува нашите срца и мисли, оти кога сме обединети, стануваме непробоен штит од кого се одбиваат сите препреки што се закануваат да го раскинат тоа благословено единство. Соборноста е сврзно ткиво што ги држи заедниците силни и непоколебливи пред сè што животот носи, бедем кој секого го заштитува, давајќи му поддршка. Таа е двигател на општествата, сигурна потпора и спомагателка на сите кои се борат за заедничките цели, укинувач на себичните желби. Во соборноста се крие длабоката моќ на љубовта – таа љубов што не бара ништо за себе, а се дава себеси за сите и за сè. Соборноста е тивок револуционер кој повикува на промена – како духовна, така и телесна, насочувајќи нè сите кон една возвишена цел: да го исполниме својот удел во таа свештена мисија што нè прави подобри и нас, и светот околу нас.
Токму вакво беше денешното собрание во чест на преподобната наша мајка Параскева, во славниот град Дебар, чиј што преполн храм, посветен на оваа голема светителка, сведочеше за тоа благословено литургиско единство. Дебрани, но и множество придојдени, како и поклоници од Република Чешка, предводени од благочестивиот свештеник Василиј од Прага, обединети во еднодушност и една мисла, смирено ги просеа своите молитви пред моќната застапничка пред престолот Божји. А словото на нашиот возљубен Старец и владика г. Партениј, уште повеќе ги утврди во оваа најголема вредност – соборноста и издржливоста, молитвата аскезата.
Бигорски манастир