петок, ноември 22, 2024
АктуелноОхрид

Посетата на битолчани во Бигорскиот манастир – духовна радост и благослов

Денеска Светиот Бигорски Манастир на Чесниот Претеча, со сето свое благодатно спокојство и светопреданиски дух, ги прими со љубов своите драги гости – група од околу седумдесетина битолчани, духовни чеда и почитувачи на ова милениумско Светилиште. Оваа посета беше израз на нивната длабока почит и искрена љубов кон Манастирот и кон неговиот Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој низ годините за нив претставува пример на духовен отец и учител.

Владиката г. Партениј ги прими возљубените гостите во свечениот манастирски синодикон, со срдечно татковско срце, исполнето со Христовата љубов и мудрост. Во амбиент на христијанска топлина и духовна блискост, тој им подари на жедните души вдахновено слово, охрабрувајќи ги да го чуваат Христовиот пат на љубовта и сомилоста во своите животи. Старецот, како добриот евангелски пастир, ги упати присутните на важноста од молитвата и духовниот живот, нагласувајќи дека на современиот човек неопходно му е воздржанието од злоупотребата на интернетот и на социјалните мрежи.

По душепоучната омилија на Старецот, авторката Билјана Андоновска, од името на сите битолчани, се заблагодари за срдечниот прием со следниве зборови:

„Ваше Високопреосвештенство Епископ Антаниски, Господин Партениј,

Пред само неколку денови ние, неколку од духовните чеда на овој свет манастир низ разговор дојдовме до идеја да се собереме неколку возила и да дојдеме кај вас заедно. Си разговаравме како најчесто доаѓаме обременети со нашите потешкотии од секојдневниот живот или заедно да прославиме некој празник.

Но, ете овој пат посакавме да дојдеме, не да ги оставиме нашите потешкотии, ами да ја донесеме нашата радост.

Сигурни бевме дека многу ќе се радувате кога ќе не видите сите заедно сплотени.

Низ разговорот споменавме дека многу од нашите роднини и пријатели би сакале да го посетат овој манастир и дека ние би можеле да се организираме и да донесеме дел од нив токму денес да ја искористиме приликата бидејќи е неработен ден. А, како да се наречеме духовни чеда на овој свет манастир ако не се жртвуваме за нашите ближни и не ја споделуваме радоста во Христа која сме ја откриле по вашите молитви?

И се случи чудо. За неколку часови се собраа многу луѓе па моравме да се организираме посериозно да можеме да се собереме сите.

Така денес дојдовме ние битолчани да ви ја донесеме нашата радост. Да го донесеме битолскиот дух во овој дом на Светиот Претеча и да се радуваме заедно­…

Верувајте, Битола, некогашната Обител, се радува со овој илјадалетен манастир и ние битолчани се радуваме на напредокот на овој манастир, манастир кој е познат по својата мисија низ целиот православен свет…

Ви благодариме од срце што Вие, Владико, се грижите за божествениот оган во нашите срца и заедно со братството и сестринствата се молите за целиот наш народ и за духовниот напредок во нашата држава.

Убаво рекле светите старци: ’Светот го крепат детските срца и молитвите на монасите‘.

Се надеваме на уште многу заеднички средби на радоста и се надеваме дека никогаш во вашите молитви нема да заборавите на вашите битолчани“.

Потоа, стихотворба за Бигорскиот Манастир, насловена како „Поубав од цвет“, прекрасно изрецитира осумгодишната Јована Анастасовска

Во продолжение, гостите имаа можност да ја посетија и бигорската книгохранителница, која ги восхити со убавината и просветлението што ги кријат нејзините страници. Тие ја почувствуваа светлината на православната духовност и вековната мудрост, која манастирот грижливо ја чува за поколенијата што доаѓаат.

На крајот од оваа благословена средба, сите заедно го прославија единството во верата, а гостите изразија благодарност и љубов кон монашкото братство кое постојано ги прегрнува со молитви и добродетел. Оваа посета не беше само момент на физичка средба, туку пред сè, духовно општење, кое остави длабоки впечатоци и засилена желба за уште поблиско приопштување кон Христовата љубов.

Во овие времиња на духовни предизвици, манастирите остануваат свети прибежишта и светилници на надежта и вистината, повикувајќи ги сите на искрена љубов, смирение и подражавање на Божјото слово. Токму затоа, денешните гости ја доживеаја посетата на Бигорскиот Манастир не е само како патување кон убавината на природата и историјата, туку и кон длабоко вдахновување на душата – вдахновение што води кон преобразба за Царството Небесно.

 

 

Бигорски манастир