АктуелноОхрид

Свечено одбележан 23 Октомври -Денот на македонската револуционерна борба

Пред голем број граѓани, синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, свечено беше одбележан 23 Октомври –Денот на македонската револуционерна борба. Во името на локалната самоуправа пред присутните се обрати заменик градоначалничката Ана Крстеска.

–И денес, после 131 година, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, одѕвонува во колективната меморија на македонскиот народ, како ден темелник за сите идни борби за независна и слободна Македонија. Со младешка жар и одважност, нескриена храброст и визија, Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, ги поставија основите на сите слободарски борби на македонскиот народ. Со јасна мисла, без доволно стратегија, но со нескриен жар и огромна верба, се заложиле за слободна Македонија. Овие заложби и идеи преку двата илиндена од 1903 и 1944 и 8 септември 1991 година, конечно ќе се материјализираат во независна Македонска држава.

&Со прогласувањето на независноста, не престанаа посегањата на нашите соседи и други моќни актери кон нашата Македонија. Во сите овие 33 години независнот, Македонија и Македонците продолжија да соочуваат со бројни тешкотии во остварувањето на своите национални и човечки идеали. Веруваме дека е дојдено времето Македонецот цврсто, простум да каже одлучно НЕ, на сите атавизми од минатото за да си го сочуваме националното достоинство и да изградиме извесна и просперитетна иднина.

Затоа, денес со посебен пиетет ги спомнуваме нашите херои и основоположниците на Македонската револуционерна борба. Нека им е вечна слава и честит и вековит да ни 23 Октомври и вечна да ни е Македонија – истакна во своето обраќање Крстеска.

Свеченоста беше збогатена со богата културно-уметничка програма, со учество на учениците од гимназијата „Св.Климент Охридски“, ОУ „Григор Прличев“ и музичките уметници Огнен и Олгица Здравковски, Ива Китеска, Ѓоко Чеменкоски, членовите на детското балетско студио “Наталис студио”, градски хор “Vox Lychnidos” и Татјана Стефаноска.