АктуелноОхрид

(ФОТО) Тројца нови монаси во прегратките на Христовата љубов

Нема сомнение дека монаштвото е една највеличествена света тајна во Црквата Божја. Во една прилика, нашиот Старец, Епископот г. Партениј ќе каже дека „тоа е бесценет дар од Бога, патека кон преобразување на човечкото срце и обожение. Монахот е оној кој ја оставил земната суета и се затворил во прегратките на Христовата љубов, барајќи да ја исполни Божјата волја со целото свое битие. Монаштвото е мистичен подвиг, каде што преку блаженото послушание умот се ослободува од светските грижи, а душата се води кон непрестајна молитва и соединување со Бога. Животот на монахот е непрестајна борба со страстите, фронтално соочување со силите на Адот, но истовремено и сладост на небесната благодат. Монахот го зема на себе Крстот Христов, со секој здив Го исповеда Бога и Му ја принесува својата љубов, посветувајќи се целосно на Црквата и на спасението на светот. Монашкиот живот е тајна на тишината, каде што зборовите се малку, но молитвата непрестајна; живот во послушание, во смирение и во духовна радост, исполнет со славословие кон Бога“ (Беседа на монашки синаксис).

И ете, токму по тој благодатен пат на самоодрекување и на духовна радост, вчеравечер зачекорија тројца нови монаси на Христа, духовни рожби на бигорскиот отец на отците, Старецот наш свет и возљубен, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј. Имено, според нашата стара манастирска пракса, во навечерието на празникот Усекновение на Чесниот Претеча и Крстител Јован, на Вечерната богослужба, нашиот драг монахољубив пименарх, Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со своите татковски пастирски раце го изврши свештениот чин на монашки постриг на нашите браќа: Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, кои доброволно го понесоа на себе крстот на самозаборав заради Христа и ги положија пред земската и небесната Црква вечните завети за доброволно послушание, нестекнување и целомудрие, добивајќи ги новите монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, соодветно.

Во мигот додека нашите нови браќа, закрилувани од духовниот татковски плашт на дедо Старец и поткрепувани од неговите молитвени солзи, се облекуваа во монашките знаменија и облека, во Претечевиот преполн храм се чувствуваше почетокот на едно ново раѓање, во светлината на празникот и на величината на Свети Јован Крстител, духовниот прототип и патеводител на сите монаси. Оти, бездруго, нашиот најмил и најсакан Покровител, Претечата на Господа, е првиот монах и небесен заштитник на монаштвото, оној кој со својот живот го воспостави образецот на духовниот подвиг и на светоста. Со своето повлекување во пустината, каде што срцето му беше постојано обземено од присуството на Бога, Свети Јован ја отвори патеката за оние кои ќе го следат патот на монашкото откажување и аскеза. Тој е симбол на длабокото покајание, на непрестајната молитва и на крајното смирение – жив сведок за тоа како душата може да стане чист сад за Божјата благодат. Неговиот глас во пустината не беше само за неговото време – тој и денес одекнува во срцата на оние кои се стремат кон внатрешната тишина и кон преобразувачката сила на Божествената љубов. Како заштитник на монасите, Свети Јован ги води оние што Го љубат Бога да ја изберат пустината на срцето, каде што секоја мисла и желба се сведуваат на едно: да се израмни патот Господов, да се исчисти внатрешниот човек и да се стане достоен за Неговото повторно доаѓање.

Сведоци на испишувањето на оваа духовна и свештена историја на Бигорската Обител, освен ангелите и светиите Божји, вчеравечер беа и многубројните поклоници на Чесниот Претеча, меѓу кои и нашите драги отци и браќа, Архимандритите Матеј и Херувим, како и отците Теона и Кирил од Црквата на Грција и јерејот Петар од православната Црквата на Романија. Посебен украс на оваа наша манастирска слава беше молитвено и небесно пеење на отец Херувим со неговиот ангелогласен хор, кои ги воздигнаа нашите мисли и чувства во поинаква духовна димензија.

Исклучителен дар за сите нас и посебно за новите браќа монаси, беше длабоката монашка поука од нашиот свет архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, срочена во неговата пригодна беседа по чинот на монашењето.

Нека ви е благословено новото духовно раѓање, наши мили браќа, во рамноангелскиот монашкиот чин! Нека вашите срца бидат секогаш смирени и отворени за послушанието кон Старецот наш свет, преку кого ќе се водите кон непрестајната светлина на Христовата убавина. Со крстот на послушанието, смирението и љубовта, да чекорите по патеката на обожението, та да го достигнете небесниот мир и да се соедините со Христа во Неговото вечно Царство. Светиот Јован Крстител, нашиот моќен Патрон, прв монах и патеводител, нека ви биде постојана инспирација и заштита во духовната борба. Молитвите на Митрополитот, на Старецот, на нашата света монашка заедница и на сите свети да бидат со вас на секој чекор!

 

Бигорски манастир