АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Преподобен Мојсеј Мурин

Родум Етиопјанин, а најнапред беше разбојник и водач на разбојничка дружина. Потоа покајник и голем подвижник. Првин беше роб на еден господар од кого побегна и се вброи меѓу разбојниците. Заради неговата голема телесна сила и безобѕирност, разбојниците го избраа за старешина. Одеднаш го фати грижа на совеста и покајание за злосторствата што ги имаше извршено. Ја остави дружината, стапи во еден манастир и се предаде на потполна послушност кон својот духовник и на манастирскиот типик. Многу се служеше со поуките на светите Макариј, Арсениј и Исидор. Подоцна се повлече на безмолвие во една келија, каде сиот се предаде на телесен труд, молитва, бдение и богомислие. Беше многу мачен од демонот на блудот. Кога му го исповеда ова на духовникот Исидор, доби совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. А кога и тоа не му помогна, тој на совет од старецот почна ноќе да бдее и да се моли стоејќи. Потоа си постави обичај по цела ноќ да им носи на старците вода од бунарот. По шестгодишен страшен труд, најпосле свети Исидор чудесно го исцели од блудните помисли, мечтаења и сништа, наведувани врз него од демоните. На старост беше ракоположен за свештеник. Основа свој манастир и имаше седумдесет и пет ученици. Во овој живот поживеа седумдесет и пет години. Својата смрт ја виде предвреме и еден ден им рече на учениците да бегаат, затоа што на манастирот ќе навалат варвари. Кога учениците почнаа и него да го викаат да бега, тој рече дека самиот треба да загине од насилство, како што некогаш и го вршел, според зборовите: „Кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Мт. 26, 52). Остана со шестмина од браќата, дојдоа варварите и ги заклаа. Некој друг од монасите на братството беше скриен во близина и гледаше како ги убиваат. Виде кога седум светли венци се спуштаа врз седумтемина маченици.

denovi.mk