АктуелноОхрид

Бигорски манастир со соопштение по повод манастирската слава

Во пресрет на главната манастирска слава на Свештената Бигорска Обител, во спомен на Отсекувањето на чесната главата на Свети Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован – нашиот небесен закрилник и застапник, ја имаме честа да ве поканиме:

Вторник, 10 септември

18:00 ч. – празнична Вечерна богослужба, на која ќе претстои Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Во текот на богослужбата, тројца членови од нашето братство ќе бидат вброени кон рамноангелскиот монашки чин.

Среда, 11 септември

7:30 ч. – утрена богослужба.

8:45 ч. – пречек на Архиереите: Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Епископот Антаниски г. Партениј.

9:00 ч. – Света архиерејска Златоустова Литургија.

По завршетокот на Божествената Литургија ќе бидат осветени темелите на новата манастирска гробишна црква со костурница, посветена на Св. Наум Охридски.

Славното Бигорско Светилиште, кое низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата на народот. Затоа, да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на Светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани и почитувачи на свештеното дело на Свети Јован, да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник – Усекновение на неговата чесна глава, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку неговите свети мошти што се чуваат во нашиот Манастир, ги слуша и исполнува молитвите на оние што со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите што ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!

 

Бигорски манастир