Најсвештени и најбогољубиви браќа и сослужители Архиереи, кои го сочинувате ова Собрание,
Славословен воспев Му вознесуваме на во Троица поклонуваниот Бог, Кој нѐ удостои денеска да се собереме сите во едно. Дојдете, Сечесни браќа, одѕивајќи се на поканата на Мајката Црква и на нашата Скромност, извршувајќи ја вашата црковна и архиерејска должност, јасно искажувајќи ги со тоа вашите чувства на почит, љубов и посветеност кон сечесниот Вселенски Престол.
Ве примаме со голема радост во Градот на Константин, Христовиот град, Богородичниот град и Светителовиот град, пожелувајќи доброплодие за нашата Патријаршија и за христоименитиот народ во работата на ова Свештено Собрание. Особено им посакуваме добредојде на новоракоположените во последното трилетие браќа, и на оние кои за прв пат учествуваат во Собранието на Јерархијата на Престолот. Ги спомнуваме сите блаженоскончани архиереи на Престолот за време на тој период, молејќи се Господ на славата да ги успокои нивните души во Земјата на Живите. Нека споменот нивни биден вечен и незаборавен!
Нашата средба и оваа година се реализира за да ги проучиме прашањата кои се однесуваат на животот и движењето на Светата Христова Велика Црква, коишто имаат и сеправославен, но и сехристијански дострел и важност. Само по себе е разбирливо дека пошироката средина, па и во однос на нашиот Собир, се обликува од настани независни од Црквата, кои сепак, нè засегаат и не можеме да ги игнорираме. Животот на народот Божји секогаш се одвива во конкретна историска и културолошка рамка. Црквата е должна да ја познава, да ја анализира и да ја вреднува секоја од општествените и културолошки зададености и да ги употребува за своја духовна и пастирска мисија и сведоштво. Средбата и дијалогот со светот е бесконечна должност за Црквата.
Денес силно го живееме предизвикот на различноста и на сопостоењето со различното. Отсекогаш постоеле различните култури, но денес со поголем интензитет се нагласува посебноста на секого. Тој факт нѐ става пред должноста за творечка средба со различното, но и за поконзистентно познавање и развивање на нашата сопствена култура.
Голем проблем во тој контекст е антрополошката и етичка измешаност за суштинските работи на животот, дури и помеѓу Христијаните. Само по себе се разбира дека нѐ засега поделбата на Христијанството и како истата да се надмине. Имаме долг да се подвизуваме во арената на вселенскиот дијалог. На помладите помеѓу нас им припаѓа должноста да ги продолжите обидите на постарите и да ги оправдате нивните визии и очекувања.
Никогаш науката и технологијата немале таков подем како денес. Не е возможно да ги игнорираме тие големи сили на нашето време, кои ги менуваат нашите живот, општество, комуникација, нашето етичко чувство и се насочени кон потполна контрола на човечката природа. Ниедно поколение на Христијани не се соочило со толку голем предизвик од науката и технологијата како сегашното.
Не треба да заборавиме, исто така, дека и покрај ревносното прогласување на „крајот на историјата“ од страна на Francis Fukuyama веднаш по падот на т.н. „Железна Завеса“, во просторот на политиката се создаваат нови поларизации, додека паралелно, севластието на економијата и на нејзините начела, апсолутизирањето на квантитативните критериуми, на бројките и на максимизирањето на заработката, без пресметување на последиците врз природната околина, покрај движењата за нивно негирање, стануваат неразнишани. Не сме стручен економист, но знаеме дека економијата е должна да ѝ послужи на човековата личност и на животните потреби на општествата и да го почитува домот на човекот, многу доброто создание.
Црквата не може да го игнорира ниту современиот „религиски предизвик“, таканареченото „враќање на Бога“, оживувањето на религиите и промоцијата на плурализмот на религиозните идентитети. Овој феномен е означен како поголем предизвик за Христијанството дури и од секуларизацијата. Се смета за сигурно дека мирот меѓу религиите има пресудно значење за мирот меѓу народите и културите и дека патот кон тоа е искрениот меѓурелигиски дијалог. Денес, двајца се непријателите на тој дијалог: а) фундаментализмот, односно апсолутизирањето на сопствената вистина и демонизирањето на другиот, што поттикнува нетолеранција и насилство „во името на Бога“, и б) прифаќањето на сè и негирањето дека постои „вистина“, односно таканаречениот „постмодерен нихилизм“ на „anything goes“.
Сето ова го сочинува светот во кој живее Црквата и во кој е повикана да даде добро сведоштво. Во односот на Црквата со светот демне опасноста од секуларизација на Црквата, од поистоветување со светот и од користење на световни методи за поефикасно пренесување на нејзината порака. И од друга страна, постои опасност од затвореност и самоизолација на Црквата, од отфрлање на „лошиот свет“ и од незаинтересираност за неговата иднина, во име на зачувување на чистотата на Православието. И двете позиции се неспоиви со мисијата на Црквата, според извонредната декларација на Светиот и Велик Собор на Православната Црква (Крит, 2016), кој во своето Окружно послание вели: „Фактот дека ’нашето жителство е на небесата‘ (Филип. 3,20) не го поништува, туку го засилува нашето сведоштво во светот. Со ова се придржуваме на преданието на Апостолите и на Отците наши, кои Го проповедаа Христа и спасителното искуство на верата на Црквата преку Него, богословејќи „риболовски“, односно апостолски, за да им го пренесат на луѓето од секоја ера Евангелието на слободата ’со која Христос нè ослободи‘ (Галат. 5.1). Црквата не живее сама за себе. Таа се принесува за целото човештво, за воздигнување и обновување на светот во нови небеса и нова земја (сп. Откровение 21,1). Оттука, таа го дава евангелското сведоштво и ги распределува Божјите дарови низ светот: Неговите љубов, мир, правда, помирување, силата на Воскресението и очекувањето на вечноста“ (Предговор).
Ова Евангелие на верата, на љубовта и на надежта го проповеда Великата Црква пред разновидноста и промените на културите, свесна за зборовите на Господа: „Небото и Земјата ќе поминат, но зборовите Мои нема да поминат“ (Матеј 24,35). Сведоштвото на Вселенската Патријаршија е комбинација од непоколеблива верност кон Преданието на Црквата и отвореност кон историјата и кон светот. Преданието не е само минато. Тоа секогаш е живо и се поистоветува со самиот живот на Црквата, со единството, со светоста, со соборноста и со нејзиното апостолство; тоа е начинот на кој Бог работи за нашето спасение. За жал, долго време, дури и во рамките на екуменското движење, верноста на Православната Црква кон Преданието беше поистоветувана од страна на оние однадвор и од останатите Христијани со конзервативизам и затвореност, со нагласок на приврзаноста кон богослужбениот живот и кон несветовното монаштво.
Во оваа смисла, предизвик и должност е за Православната Црква да се справи со погрешните толкувања на нејзините учење и духовност, без разлика дали тие вешто се шират во рамките на Православието или потекнуваат однадвор. Важно е да се истакне дека ставовите кои ја претставуваат Православната Црква како суштински негативна кон екуменскиот дијалог и незаинтересирана за средбата со современата култура и со новите идеи, како затворена и етноцентрична, се изразуваат од страна на оние внатре како пофалба и како сведоштво на вистинска православна мисла, додека од страна на оние надвор – со критичко расположение и со цел да се стигматизира според нив однатре „затвореното“ Православие. Јасен доказ за ова е карактеризацијата на Светиот и Велик Собор на Православната Црква од страна на нашите фундаменталисти како „екуменистички“, додека некои однадвор сметаат дека Соборот не се осмелил да донесе соодветни одлуки пред големите современи предизвици. Оваа критика е целосно промашена кога нејзината цел е Вселенската Патријаршија, која силно се бори за добростоењето на Православието и за заедничкото сведоштво во светот.
Светата Христова Велика Црква добро ја знае својата сеправославна одговорност, како и начинот на нејзиното спроведување и примена. Последните настани во меѓуправославните односи јасно покажаа дека единството на Православието е загрозено кога се оспорува улогата на Вселенската Патријаршија во име на разни бесплодни идеологии, кои наместо да бидат судени според сесвештеното Предание на Црквата, без размислување ја судат неа и создаваат опасни ситуации што на различни начини го поткопуваат меѓуправославниот мир и ја спречуваат соработката на Православните Цркви. Без иницијативите на Вселенската Патријаршија, немаше да има учество и придонес на Православието во екуменското движење, ниту пак, ќе се одржеше Светиот и Велик Собор на Православната Црква. Ние непрекинато се молиме на Основачот на Црквата за единството и уверени сме дека Он со милостиво око ќе го надгледува Своето лозје и ќе уреди сè што е за него.
Припаѓаме на Христа и на Црквата. Го славиме Господа на славата што нè постави сите нас за служители на Неговиот народ. Многустраната служба и пастирската работа се продолжение и израз на евхаристиското остварување на Црквата и на нејзиниот есхатолошки карактер на нејзиниот живот. Евхаристиското собрание е „жива Догматика“. Секоја Божествена Литургија е егзистенцијално искуство на догмите на нашата Црква, во кое се открива творечкиот интензитет помеѓу карактерот на Црквата која е „во светот“ но „не е од светот“, на Црквата не како „анти-свет“, туку како преобразувачка сила на сите нешта во Христа. Во Божествената Литургија, догмите на Црквата се поставени во контекст на животот на светот во сегашната димензија и во неговата есхатолошка ориентација. Врз основа на литургиското искуство на Црквата, теологијата е и треба да биде егзистенцијална интерпретација на догмите, развивање на нивното значење како сведоштво на Црквата во современиот свет, со хоризонт на вечната предопределеност на човекот и на конечното обновување на целото создание. „Нема догма на нашата Црква која нема што да каже за вистинските проблеми на човекот“, истакнува блаженоупокоениот Митрополит Пергамски Јован (Ј. Зизиулас, Митрополит Пергамски, „Православната Црква и третото илјадалетие“, во делото: Ст. Фотиу (уред.), „Прифаќањето на другиот. Православни духовни вредности и модерност“, изд. Хармос, Атина 2009, стр. 101-123, овде стр. 121).
Овој дух на една „Црква на преданието и на авангардата“, на Црквата на „дијалошката теологија“ и на „дијалошката пастирска дејност“ се одразува во програмата на ова Собрание на нашата Јерархија. Првата сесија под наслов „Меѓуправославни и меѓухристијански односи“ вклучува говори кои се однесуваат на два значајни аспекти од актуелните меѓуправославни прашања и два поврзани со теолошкиот дијалог со Римокатоличката Црква и со значењето на присуството на Црквата од Константинопол во Советот на Европските Цркви (CEC) и во Форумот за дијалог со Советот на Европските Епископски Конференции на Римокатоличката Црква (CCEE).“
Факт е дека меѓуправославната соработка и меѓухристијанските дијалози ги збогатија христијанската присутност и живот во нашето време, ја истакнаа виталната важност на христијанските вредности за човештвото и силата на заедничкото православно и меѓухристијанско сведоштво. Секако, искусивме колку е кревко единството на Православието во случајот со свикувањето и одржувањето на Светиот и Велик Собор на Крит, во прашањето за православната дијаспора и за украинската автокефалија. Високопреосветениот брат, Митрополитот на Халкидон, г. Емануил, со своето долго присуство, искуство и придонес во дијалозите на Патријаршијата, ќе говори за украинското прашање и за православната присутност во балтичките земји, врз основа на последните случувања. Братот Австриски, Арсениј, кој служи во срцето на Европа, ќе се осврне на проблемите и немирите во православната дијаспора од почетокот на разорната војна во Украина и понатаму.
Ќе следува говорот на Високопреосветениот брат, Митрополитот на Писидија, г. Јов, православен сопретседател во теолошкиот дијалог помеѓу Православната и Римокатоличката Црква, за „Александрискиот документ“, како и на Високопреосветениот Архиепископ на Тијатир и Велика Британија, г. Никита, претседател на Советот на Европските Цркви, за сведоштвото на Црквата на Константинопол во тој Совет и во Форумот за Дијалог со Советот на Европските Епископски Конференции на Римокатоличката Црква. Сите вие знаете дека Вселенската Патријаршија предводи и во меѓухристијанските дијалози, кои, како што со силен нагласок прогласи Светиот и Велик Собор, „никогаш не значеа, ниту значат, ниту некогаш ќе значат било каков компромис во прашања за верата“ (Окружно, § 20). Карактеристично е дека соборскиот документ „Односите на Православната Црква со остатокот од христијанскиот свет“ започнува со следново: „Православната Црква, како Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, со својата длабока црковна самосвест, цврсто верува дека има водечка улога во промовирањето на христијанското единство во современиот свет“ (§ 1).
Меѓухристијанските дијалози треба да продолжат со цел враќање на христијанското единство, без теолошки минимализми и со уверувањето, како што се изрази блаженоупокоениот о. Георгиј Флоровски, дека „сите можности на православната традиција можат да се откријат и остварат само во рамките на постојан контакт со целиот христијански свет“ (о. Георгиј Флоровски, „Наследството и целта на православната теологија“, Теологија, том 81, број 4, октомври – декември 2010, стр. 21-29, овде стр. 29). Понатаму, предводникот меѓу православните теолози на 20. век додава: „Трагедијата на поделбата е најголемиот и најкритичен проблем во христијанската историја“ (о. Г. Флоровски, Свето Писмо, Црква, Традиција, изд. Атанасиј Алтинѕис, Солун 2018, стр. 34).“
Втората сесија на нашето Собрание е посветена на „Канонско-литургиски прашања“. Секогаш нагласуваме дека верноста кон наследените традиции е показател дека со сериозност се однесуваме кон другиот во дијалозите. Очигледно е дека оној кој не ја почитува сопствената традиција и идентитет, малку е веројатно дека ќе има искрен интерес за разбирање на различното. Високопреосветениот брат, Митрополитот Калиуполски и Мадитски, г. Стефан, ќе говори на тема „Типикот и литургиската традиција на Великата Црква и набљудуваните отстапки од нив“. Великата Црква, како што веќе беше кажано, не е позната само по својата отвореност кон светот, туку и по апсолутната почит кон големото и драгоцено предание на Православието, чиј чувар била и сè уште е. Централно место во ова наследство има литургиската традиција и уредното одржување на божественото богослужение. Нашата Патријаршија придава големо значење на „еднообразното, пристојно и беспрекорно извршување на светите тајни и на дневните богослужби“. Литургискиот поредок претставува теолошки јазик преку кој се изразува јадрото на православната вера и побожност. Сосема заслужено сме горди на нашето литургиско наследство, кое сме должни да го чуваме и негуваме како зеницата на окото.
Високопреосветениот Митрополит на Јанина, г. Максим, ќе ја претстави темата: „Канонски упад преку средствата за јавно информирање“. Сечесни браќа, разбирате дека технолошките достигнувања не се без последици дури и во полето на канонското функционирање на Црквата. „Виртуелната реалност“ влијае на реалноста. „Виртуелното“, и во полето на кое се однесуваме, не е безболно, ниту пак оние што го користат, кога се кршат црковни принципи, може да останат неконтролирани.
И во третата сесија на Собирот, под наслов „Мајката Црква во современиот свет“, прашањето за современата технолошка култура има директно присуство, особено во говорот на експертот за нови технологии, Високопреосветениот Архиепископ на Австралија, г. Макариј, на тема „Вештачката интелигенција и Црквата“, како и во однос на темата „Младите и Црквата“, за која ќе говори Високопреосветениот Митрополит на Солун, г. Филотеј.
Без сомнение, нашиот свет се менува со вртоглав ритам. Причината за овие впечатливи промени е современиот рапиден развој на технологијата, што претставува најголема глобална културна револуција во историјата на човештвото. Денес, технологијата не е само примена на научните знаења за практични цели, туку стана „логос“ и „смисла“ на човековото постоење, и како што е кажано, „денес го држи клучот за сите области на животот: науката, политиката, економијата, медицината и така натаму. Никој не може да ја игнорира без да биде казнет со исчезнување. Тоа би било како да ја негираме самата потреба за дишење“, забележува еден современ мислител. Навистина, технологијата е „големата сила“ на нашето време, чијашто корист е невозможно да се оспори. Истото, секако, важи и за нејзините негативни аспекти.
Живееме во време на доминација на техничките уреди и на технологизираниот менталитет во нашите животи, на поробување од вештачки потреби, на изобличување на човечките односи и други отуѓувања. Технологијата се има автономизирано од човекот, таа веќе не е негова слугинка, туку „семоќна божица“ која бара од него апсолутна послушност кон нејзините заповеди. „Информацијата“ се обожува, стекнувајќи метафизички сјај. Моќните електронски медиуми не пренесуваат само информации, туку ги насочуваат нашите желби и потреби, го влијаат нашиот вредносен ориентациски систем, ги разградуваат симболите и традициите на вековите. Лесно го поистоветуваме прогресот со технолошкиот напредок, заборавајќи дека нашите најголеми проблеми не се од техничка природа и не произлегуваат од недостаток на информации. Криминалот, гладот и социјалната неправда, фанатизмот и судирот на цивилизациите не се резултат на технички причини, ниту пак можат да се решат со информатиката. Исто така, очигледно е дека научниот напредок и развојот на технологијата не одговараат на длабоките егзистенцијални прашања на човекот, ниту пак, ги укинуваат тие прашања. Вештачката интелигенција се чини дека претставува врв на технократијата. Со голем интерес го очекуваме излагањето на Високопреосветениот Архиепископ на Австралија.
Сите ја знаеме љубовта на младите кон чудата на современата технологија и леснотијата со која ги ракуваат нејзините волшебни уреди. Грижата за младината отсекогаш била во центарот на пастирската грижа на Црквата, и тоа важи и за нашето време. Со задоволство забележуваме дека во Епархиите на Престолот се развиваат различни иницијативи и активности во духот на „дијалошка пастирска грижа“, дијалог со младите во кој пастирската Црква им пристапува, ги слуша пред да зборува, ги повикува да го надминат поистоветувањето на религиската вера со конзервативизам и со незаинтересираност за животот и ги потсетува дека имаат привилегија да бидат носители на светлото Православно Предание, на скапоцените вредности кои треба да ги откријат, да ги живеат, да ги применат и да ги заштитат.
Имаме уверување, постојано потврдено низ нашите разговори со младите, дека доколку кон младината се пристапи со љубов, со разбирање и со дух на солидарност, таа не само што одговара, туку открива импресивни креативни сили на кои се восхитуваме. Спротивното од тоа што се верува и се пропагира како научно поткрепени вистини, младоста е особено „религиозен“ период во човечкиот живот, со многу метафизички потраги, со многу „надеж“ и очекување на нов свет без неправда, насилство и болка, свет кој на крајот го отсликува Божјото Царство, „нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата“ (2 Петар 3:13).
Нашата Скромност често е импресионирана од фактот дека младите нè поучуваат со својата чувствителност, со своите идеи и активности, со својот светол пример. Секојдневно забележуваме дека тие покажуваат поголем интерес од возрасните за заштитата на природната околина и за општествените проблеми. Средбата со младите секогаш ни носи радост и изненадувања.
Нашата Црква ги повикува младите луѓе свесно и активно да се вклучат во нејзиниот живот, да бидат луѓе со отворени хоризонти, кои со својот живот ќе сведочат дека со Христос „дојде вистината, а сенката замина“. Црквата знае дека христијанското добро сведоштво е невозможно да се даде од луѓе кои се затворени во себе и незаинтересирани за својот ближен и за светот.
Четвртата сесија на нашето Собрание има наслов „Црквата и геополитичките прашања“. Со нетрпение го очекуваме излагањето на Почитуваниот професор г. Георгиј – Стилијан Превелакис, на тема „’Рускиот свет‘, централна точка и инструмент на руската геополитичка стратегија“. Крвавата војна во Украина, по инвазијата на Руската Федерација на нејзината територија, продолжува, со идеолошка поддршка преку теоријата на „Рускиот свет“, која дури и се потпира на црковни претензии. Московската Патријаршија се претвора во световна институција, која сега функционира врз основа на принципи туѓи на идентитетот на Црквата. Така, Црквата доброволно се претвора во алатка за промовирање на државни интереси. Фактот што на Почитуваниот Превелакис му е даден еден час за излагањето, како и еден час за дискусија, ја покажува важноста што му ја придаваме на оваа тема, како и нашите големи очекувања од неговата интервенција.
Темата на Петтата и последна сесија на нашето Собрание е „Православно монаштво и мисија“. Високопреосветениот Митрополит на Нов Зеланд, г. Мирон, ќе зборува за „Православната мисија на Антиподите“. Природата на Црквата е апостолска и мисионерска. Повикани сме да ги пренесуваме „зборовите на вечниот живот“ (Јован 6,68) во светот и до краиштата на вселената, секогаш потсетувајќи се дека сме епископи на Вселенската Патријаршија, на Црквата која urbi et orbi го превозгласи Евангелието на спасението во Христа и придонесе за обликување на духовниот идентитет на многу народи, истовремено зачувувајќи и збогатувајќи ги нивните културни традиции. Вселенската Патријаршија го применува она што Светиот и Велик Собор на Православната Црква го прогласи со нагласок: „Апостолската работа и проповедањето на Евангелието, познато како мисија, се во јадрото на идентитетот на Црквата, како зачувување и исполнување на заповедта Господова: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28,19). Тоа е здивот на животот што Црквата го вдахнува во човечкото општество и го претвора светот во Црква преку новооснованите помесни Цркви насекаде. Во овој дух, православните верници се и треба да бидат апостоли Христови во светот. Оваа мисија треба да се исполнува не агресивно, туку слободно, со љубов и почитување кон културниот идентитет на поединците и на народите“ (Окружно, § 6)“.
Последните три излагања на Собранието се посветени на православното монаштво. Високопреподобниот Игумен на Светиот манастир на Чесниот Претеча во Есекс, Архимандритот г. Петар, ќе зборува за „Монаштвото во Православната Црква во 21 век“; Високопреподобниот Игумен на Светиот манастир Дионисијат, Архимандритот г. Петар, ќе говори на тема: „Светата Христова Велика Црква и Светата Гора“, додека Преподобната Игуменија на Светиот манастир на Успението на Пресвета Богородица во Микрокастро, Теологија, ќе претстави излагање на тема: „Динамиката на женското монаштво во 21. век“.
Монаштвото е плот од плотта на Црквата, динамичен израз на аскетскиот дух и на есхатолошкиот стремеж на нејзиниот живот. Посветени со душа, со ум и со тело кон Христа, „туѓинци и странци во овој свет“, „претворајќи ги ноќите во денови, живеејќи во благодарност и псалмопение“, „барајќи го она што е горе“, монасите со упорност и со трпение тропаат на вратата на вечното Царство, според Господовата реч: „секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори“ (Матеј 7,8).
Значајно е што безброј верници наоѓаат во светите манастири одговори на своите егзистенцијални потраги, утеха и одмор, ја откриваат вистината на животот посветен на Христос, на молитвата и на божественото богослужение, на почитта кон Божјото создание и на значењето на евхаристиското ползување на тоа создание. Монаштвото придонело за создавање на висока култура на богопознание и на човекопознание, на заедница на животот, на теологија и вдахновена мудрост, на чудата на славословната уметност, на иконографијата, на химнографијата, на псалмопението и на црковната архитектура. Навистина, една жива Црква е незамислива без монаси.
Православното монаштво, било машко или женско, каде и да се практикува со богодоличност, го претставува истиот дух на крстовоскресна слобода во Христа, на отсекување на сопствената волја, на смирение и послушание, на посветеност кон „едното, што е потребно“ – кон Бога и кон исполнување на Неговите небесни одредби. Монасите и монахињите претставуваат достоинство и украс на Великата Црква.
Најсвештени и најбогољубиви браќа,
Добредојдовте во нашиот Град, во вашиот Град, секој од вас носејќи го искуството на христоименитата паства со која пастирствувате. Се радуваме што ќе имаме можност да слушнеме детални излагања, да дискутираме, да се вдахновуваме, да се воодушевуваме и да се зајакнеме не само од идеите и предлозите што ќе бидат изнесени, туку и од блиското лице-в-лице заедничарење, од зборот како дијалог, кој секогаш е извор на откровенија.
Очигледно е дека ниту еден период во историјата на Црквата не бил идиличен и без облаци. Денес се соочуваме со големи глобални промени и предизвици, пред кои не смееме да молчиме. Словото, пак, на Црквата и на богословието, како слово за Бога, Кој „секогаш е со нас“, е истовремено и слово за човекот, за неговиот земски живот и за неговата вечна перспектива.
Ние, епископите на Црквата, во нашата света мисија црпиме сила и насока од евхаристиското искуство, особено како предводници на евхаристиското собрание и како први одговорни за евхаристиското остварување на Црквата. Овде се наоѓа и јадрото на одговорите на современите проблеми. Секако, не станува збор за готови решенија, како рецепти, туку за богооткриени принципи и вредности, кои треба да се претворат во порака и сведоштво за вистинската слобода во Христа, за надежта во Христа и преку Христа. Ова бара и теолошка работа, покрај искуствената и харизматичната теологија, на делото како „вовед во теоријата“. Пастирството се потпира на овие две димензии на теологијата, и во оваа смисла, никогаш не е „нетеолошко“.
Со вакви мисли и чувства го завршуваме ова слово, славејќи Го премудриот, преславниот и седобротворниот Бог во Троица, Кој нè удостои сите нас со
и веселието на ова Собрание, и повторно ви благодариме на сите за вашето учество, ве целиваме со свет целив, извикувајќи: „Што ќе Му дадеме за возврат на Господа, за сè она што наспроти ни го даде?“
Бигорски манастир