АктуелноОхрид

Доделени дипломите на матуранитите од ОСУ „Св. Климент Охридски“

Вчеравечер на пригодна свеченост во дворот на ОСУ „Свети Климент Охридски“ беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2023-2024 година.

Во името на Локалната самоуправа пред присутните свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

-Оваа прекрасна празнична вечер, кога го славиме ликот и делото на нашиот просветител и прв учител Свети Климент Охридски, имаме можност да споделиме неповторливи чувства на радост и гордост кои ги носи матурата, како еден од најзначајните моменти во животот.
Дипломата не е само парче хартија, туку симбол на вашите години на напорна работа, истрајност и желба за знаење.
Таа означува крај на едно поглавје, но истовремено ја отвора вратата кон иднината која е полна со нови предизвици и уште поголеми успеси. Пред вас стои свет полн со можности. Нека секоја ваша желба ви стане реалност, нека секој ваш сон се претвори во дело.
Без разлика дали ќе изберете да продолжите со студии, да се посветите на некоја професија или да го следите патот на науката и уметноста, секогаш имајте на ум дека вашите постигнувања се и постигнувања за целата наша заедница. Охрид во вас гледа голема надеж, бидејќи вие сте тие што ќе ја градат неговата иднина.
Стремежот за напредок нека ви биде водилка низ животот. Како што рекол големиот Сократ: „Вистинското знаење доаѓа од спознавањето дека не знаеме ништо.“ Оваа голема мудрост нека ви служи како потсетник дека учењето никогаш не завршува и дека секој ден носи нови можности за раст и надградба.
Денеска, во оваа свечена прилика, не можеме да го занемариме и придонесот на вашите професори и родители. Нивната посветеност, трпеливост, поддршка и верба се инспирација за сите нас.
Почитувани матуранти, со гордост чекорете напред, знаејќи дека сте подготвени за секој предизвик што го носи следниот ден. Ве очекуваат големи подвизи, нови височини и уште поголеми победи.
Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков, ви посакувам светла и успешна иднина, исполнета со многу радости и остварени соништа. Ви посакувам секоја наредна станица на вашиот животен пат да биде обележана со успех и задоволство. Нека ви е честито дипломирањето, бидете живи, здрави и среќни!, истакна Божиновски во своето обраќање.