АктуелноОхрид

Пецаков: Неофицијално, пожарот на Галичица е настанат од несовесни кампери

И покрај забраната за движење во шуми, пожарот на Галичица е настанат од несовесни граѓани, вели за Тв24 градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Пожарот кој избувна на планината Галичица се гаснеше со авиони, а денеска два хеликоптери се на лице место и го гаснат пожарот, заедно со екипа од 15 лица кои се обидуваат да го локализираат пожарот.

– Неофицијално, овој пожар е настанат од несовесни граѓани, односно кампери кои претходно го посетиле местото, иако е забраната за движење активна. Борбата останува тука. Следното жариште кое повеќе е на територија на Дебрца и Демир Хисар, дел и кон Охрид на Плакенска Планина, испратена е во текот на денот тешка механизација булдожери, кои треба направат појас за да се спречи понатамошното ширење, затоа што тој пожар е најдолго активен на нашата територија, изјави Пецаков.

Според официјалните податоци на Центарот за управување со кризи, во поширокиот регион на Охрид, активни се пожарите на Галичица и на Илинска Планина, на потегот кај селата Вирово, Базерник, Мали Илино и Брежани. Според истиот извор, под контрола е ставен пожарот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила.