АктуелноОхрид

Покана за празникот Собор на Светиот Архангел Гавриил

Во исчекување на празникот на Божјиот Благовесник – Собор на Светиот Архангел Гавриил, Свештената Бигорската Обител со особена чест ве поканува заедно да го прославиме носителот на добрите и радосни вести, кој прв го објави доаѓањето на Спасителот во светот.

По тој повод, на 26 јули, петок, со почеток во 08:30 ч., во неговиот манастир во Долни Дримкол, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој особено го посакува и се залага за неговото возобновување, ќе биде отслужена Божествена Архиерејска Литургија, за прв пат по цели 80 години. Со Светата Литургија ќе чиноначалствува викарниот епископ на нашата богочувана епархија, нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.

Долнодримколскиот Манастир, меѓу народот познат и како Манастирец – според некогашното село што се наоѓало во близина, е посветен на Светиот Архангел Гавриил. Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Манастирот датира уште од ромејскиот период (пред 14. век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20. век. Последната Света Литургија во него била отслужена во пролетта 1944 година од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од с. Модрич.

По иницијатива и со заложби на Игуменот на Бигорскиот Манастир, Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, во периодот од 15 мај до 30 јуни оваа година, беа спроведени опсежни работни активности за отворање на пат и очистување на остатоците од Манастирот, со што се создадоа неопходни услови за служење на Божествена Литургија.

Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да му оддадеме должна чест на великиот Архистратиг Гавриил и да ја вратиме од заборав оваа негова Светиња со големо историско и духовно значење. Затоа, да се собереме во што поголем број и заедно да го испросиме благословот на нашиот небесен добротвор.

 

Бигорски манастир