АктуелноОхрид

(ВИДЕО) Mицкоски: Ветивме милијарда, но сега ни се потребни 500 милиони евра од кои 250 за општините

Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри зошто кога на доаѓаше на функцијата најави заем од една милијарда евра, а изминатите денови се официјализираше соработката со Унгарија во вредност од 500 милиони евра.

-Ние ветивме милијарда, а донесовме повеќе, но тогаш кога е потребна. Сега во моментов ни се потребни 500 милиони евра, од кои 250 се потребни за општините и да ги финансираме нивните проекти. Граѓаните сакаат вистински проекти, а не приказни. Другите 250 милиони евра под истите услови сакаме да ги дадеме на бизнисот и фирмите. Условите кои што тие ги имаат на пазарот се најмалку двапати полоши – 6% камата и без грејс период…Денес во бизнисот е доведен до тоа да добива кредит оној на кој што не му треба. На тој што му треба, не може да добие бидејќу му бараат се, од сертификат на раѓање, па до последно. Ние велиме еве поддршка е ова, кажа Мицкоски при теренската посета на општина Охрид, присуствувајќи на камен темелник на спортска сала во село Лескоец, охридско.

Според Мицкоски, во моментов имаме еврообврзница која што неговите претходници, како што вели, ја земале под ултра лоши услови.

-Зошто сега да земеме 500 милиони евра, па да плаќаат граѓаните камати, кога можеме во јануари? Отворена ни е рамката. Зошто сега да плаќаме 10-15 милиони евра, ќе направиме вакви сали уште 30 во Македонија. Зошто да ги трошиме тие пари? Мора да имате концепт. Со пари сите знаат. Идејата е од ништо, нешто да направите. Лесно е ако имам пари, ќе се викаше ова Швајцарија и ќе се беше поинаку. Поентата од ништо што ни оставија, да направиме повеќе. Се мачиме, за да обезбедиме повеќе. Јас додека сум премиер, никогаш нема да дозволам да зависиме од некој друг, туку само од граѓаните – тие не плаќаат и за нив работиме. Никогаш нема да ја доведам Македонија во подредена положба, кажа премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.

Македонија ќе се задолжи кај Унгарија со 500 милиони евра кредит, со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.