Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и предлог за министер во Министерство за транспорт, Александар Николоски во своето гостување во вестите на Канал 5 телевизија истакна дека трите проекти со кои ќе занимава следната недела, веднаш по преземањето на функцијата се автопатот Охрид – Кичево, експресниот пат Градско – Прилеп за кои прашања и граѓаните бараат одговори, како и браната Отиња која што е исклучително важна за источниот регион на Македонија.
„Граѓаните очекуваат одговори на две прашања и тоа прво е експресниот пат од Градско до Прилеп кој што ја поврзува Пелагонија и Централна Македонија со остатокот од државата и тоа е нешто во кое прво ќе имам увид. Втора работа, исто врвен приоритет, е автопатот Охрид – Кичево кој со години е застанат и не се гради, ќе видиме зошто е тоа така и што може да се направи. И трет приоритет е изградбата на браната Отиња која што е исклучително битна за источниот дел на Македонија, тоа е во штипско. Така што, овие три проекти ќе бидат првите со кои што се занимавам во следната недела“, рече Николоски.
Во однос на договорот со конзорциумот Бехтел и Енка, за изградба на коридорите 8 и 10Д, посочи дека смета дека треба да се објави, затоа што, додаде не знам по кој закон тој е класифициран како државна тајна.
Додаде дека тој е единствениот политичар кој што јавно го извадил и го коментирал тој договор, така што, мислам дека јавноста треба да го има на увид овој договор затоа што се работи за средства кои што ќе се трошат од буџетот на граѓаните.
„Во однос на содржината на договорот, кога ќе влеземе во институциите соодветно ќе разгледаме и ќе видиме што може максимум Македонија да добие од овој договор. Дали дополнително може да се преговара или разговара за дополнителни делници кои што можат да се изградат надвор од овие кои што се веќе предвидени, како Македонија би добила повеќе километри автопати и експресни патишта кои што подобро би ги поврзувале граѓаните. Така што ќе видиме да оптимизираме во рамки на предвидените средства граѓаните да добијат максимум од тоа што може да извлече од овој договор, имајќи предвид дека државата веќе реализираше дел од обврските по однос на договорот, а сметам дека секој друг чекор би бил штетен за државата, затоа што се тоа веќе потрошени средства и треба сега да се извади максимумот, односно да се изгради максимум автопати и експресни патишта во рамки на договорот“, истакна Николоски.
Додека пак, во однос на делот за надзор, веќе има иницијатива во соодветното обвинителство и тоа треба да си каже како таму стои работата и секако, доколку има наводи да се испрати тоа во судот и да судот донесе дали има или нема таму злоупотреба.