Наш ИзборНаш изборОхрид

Отворени телефонски линии за донации за охридската докторка Ружица

Изминативе два месеца, откако мајка ми доживеа силен мозочен удар, животот ни се измести од колосек. Таа го помина работниот век како лекар по општа медицина во Охрид, посветено работеше, пациентите и беа на прво место, секогаш. Сега, ете се случи нејзе да и биде потребна помош, за да добие шанса да оздрави, за ,,Фокус” раскажува Александар Јанески, син на д-р Ружица Јанеска (74), која откако го добила мозочниот удар, по што паднала во кома, била сместена во приватната болница Систина.

Како што раскажува синот, по ударот, таа била пренесена во Скопје, и по сите испитувања, на Неврохирургија им било кажано дека не можат да ја хоспитализираат таму, и и била пропишана терапија. Не знаејќи каде да ја носи својата мајка, која била во коматозна состојба, тој побарал помош во приватното здравство, па ја хоспитализирале на клиниката Систина.

– На неврохирургија, значи во државно здравство, ми беше кажано дека не треба операција, но и дека не може да биде хоспитализирана таму. Дали поради недостиг на слободни места, или пак поради тоа што процениле дека немаат услови за нејзино лекување, не знам точно, официјален документ со точно наведена причина немам. Ми се кажа, не може овде, и толку…

Ми преостануваше или да ја носам дома, во таква тешка состојба, и да ја чекам да почине, или да си барам спас во приватното здравство. Бев свесен дека доколку ја однесам дома, таа нема да преживее.
Заминавме во Систина.

Таму, на почеток ја сместија на интензивна нега, а сега, мајка ми е преместена на полуинтензивна нега, бидејќи состојбата и е променлива.
Трошоците се големи, се работи за голема сума на пари, затоа и се решивме да бараме помош од хуманите граѓани. Досега имам потрошено околу 2.100.000 денари, откако тргнавме по болници, сосема сум исцрпен.

Инаку, благодарен сум на клиниката Систина, мајка ми добива соодветна здравствена нега, и да не беше приватната клиника, јас знам дека таа досега немаше да биде жива. Овде доби шанса да и се продолжи животот, и без разлика на возраста, секој човек го заслужува тоа.

По првичните објави на апелот за помош, добивме одредена сума на донации, но тоа не беше доволно. Затоа подигнав кредит, а продавам и недвижен имот. Што друго ми преостанува? Зарем да ја земам мајка ми во таква состојба и да ја донесам дома? – прашува синот.

Вели дека мајка му се храни преку сонда, извесен период била и на респиратор, сега се уште била неподвижна во кревет, периодично и се менувала состојбата.

– Еден ден подобро, еден ден полошо… Ние се надеваме на добро, дека ќе се разбуди, бидејќи е во еден вид на полусвесна состојба. Не можеме да се откажеме од неа, да кренеме раце и да ја донесеме дома. Се додека постои и најмала надеж, ќе се бориме за нејзиниот живот, раскажува Александар.
Колку долго ќе трае болничкиот престој на мајка му, не може да претпоставува да шпекулира со прогнози, што значи дека не знае уште колку средства ќе му бидат потребни во блиска иднина.

Отворени се телефони за донации за лекувањето на докторката, и тоа Телеком – 143 113 и А1 – 143 650.
Исто така, хуманите граѓани можат да донираат и на сметка, 250 500022148969, цел на дознака – Лекување на Ружица Јанеска,
Name: Aleksandar Janeski IBAN Code MK 07250780005754985
SWIFT INSBMK22
Sparkasse Banka A.D. Skopje.

 

fokus.mk