петок, ноември 15, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Празникот Вознесение Господово во Манастирот Пречиста

Вознесението Христово е настан од огромно значење за целото човештво, жив доказ дека Божественото дело за спасение на човечкиот род е завршено. Како што вели Божествениот Павле: „Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сè“ (Ефес. 4,10). Синот Божји се овоплоти, прими човечка природа, слезе на Земјата, за да нѐ издигне нас земните кон небесата. Заради нашите гревови пострада, со Својата крстна смрт ја умртви нашата смрт, воскресна во неискажлива слава и сега се вознесе на Небесата, без да се раздели од нас, за да ја принесе, помири, исполни и соедини нашата падната природа со Бога.

Восхитен, но и збунет е умот пред овие големи таинства извршени заради нашето спасение. Како што вели Апостолот, ние, бидејќи сме немоќни, само делумно разбираме. Но оваа вистина ја разбраа апостолите во мигот на Вознесението на нивниот Учител и Господ, и затоа, по разделбата со Него, тие се вратија во Ерусалим со голема радост.

Неземната радост и утеха што ја примиле апостолите, пренесена е на сите верни во Христа, на членовите на Неговото Тело – Светата Црква, која веќе со векови го прославува овој празник со големо торжества. А големо беше и славјето во Пречистанската Свештена Обител, каде што бројните верни вчеравечер на Вечерната богослужба и денеска на Утрената и на Божествената Литургија имаа можност духовно да се насладат од богослуженијата возглавени од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Сите присутни пренесоа длабоко благодарење на Бога Кој во слава се вознесе, и секој ги вложи своите духовни сили, за мислено да се искачи на Елеонската гора, на таа прекрасна гора на Вознесението. Прекрасно беше да се чујат длабоките созерцанија на Старецот, изговорени во две вдахновени беседи, една на Вечерната, друга на Литургијата, со кои тој ги возвиши нашите души во висините на Празникот.

Христос, Кој се вознесе во слава, нѐ потсетува на нашата конечна цел – обожување и единство со Бога. Тој ја отвори вратата за нашето спасение, за нашиот пат кон обожување. Затоа, Вознесението не е само настан од минатото, туку живо искуство кое нѐ води кон вечноста.

Христе Боже, Кој се вознесе во слава, помилуј и спаси нѐ.

Амин.

 

 

 

Бигорски манастир