АктуелноОхрид

Дочек на иконата на Св. Спасе Вевчански во недела

Драги браќа и сестри, ми претставува задоволство и радост сите да Ве поканам во Недела, 16.06.2024 во Соборниот храм Св.Никола во 08:30 часот торжествено да ја пречекаме иконата на новиот Сеправославен, Македонски и Вевчански Светител Спасе заедно со неговата Света сестра Спаса.
Иконата е истата која беше благословена и осветена од целиот синод на МПЦ-ОА и ќе биде поставена во Св.Никола – Горна Церков.
Браќа и сестри, да се радуваме на нашиот нов светилник и да бараме тој да испроси од БОГА прошка за нас, смирение, разум, здравје и срца полни љубов.
Сестри и браќа, вчера и завчера го славевме Светото Христово Вознесение – Спасовден. Двете цркви во Вевчани и Св.Спас Горни и Долни Св.Спас – Бела плоча, годинава беја посетени од многу народ кои искрено и со љубов го даруваа Св.Спас – единствениот наш Спасител Исус Христос. БОГ на сите да им ги услиши молитвите и да им умножи се што си имаат. Сето ова било и ќе остане вака, сега секогаш и во сите векови – АМИН!
Но, од пред една недела и Свети Спасе Вевчански е реалност мили мои и тоа за Ваша среќа Вевчанска и наша Македонска. Тој се подвизувал во манастирот Св.Спас Горни, го славел и прославувал Св.Спаса ИСУСА ХРИСТА, го носел името во негова чест и во исто време му се молел за Вас, Ве вардел и чувал, та затоа црквата за да се разграничи едното од другото определи негов посебен празник заедно со неговата Света сестра Спаса да се слават неделата пред Спасовден.
Колку убаво, колку мудро и чисто БОГ се си устрои само за наша радост и за наше спасение.
Да се радуваме мили мои на животот во ХРИСТА, кој е толку милостив што сите не сака исто како што сакаше во Недела Свети Спасе Вевчански да си дојде во местото каде живеел, поучувал, се молел, жртвувал и на БОГА се предал. Да го пречекаме, да му се радуваме, молиме и прославуваме.
После Светата Богослужба поканети сте во дворот на црквата на мезе и здравица во чест на нашиот Светител Спасе Вевчански, секако и за неговата Света сестра Спаса – закуска која е дар од Вевчанските угостители.
За многу години!
Ваш парохиски свештеник, Отец Ромео Петрески