Се наоѓа на влезот од Вевчани од неговата североисточна страна. Уште се нарекува и Долни Св. Спас. Изградена е на свето место со површина од 1500 м2. Во почетокот светилиштето било мала дрвена куќарка, параклис, а по обновувањето од 1986-1996 година е црква, солидно изградена од делкан камен. Осветувањето е извршено на 10.10.1996 година.
За постоењето на ова светилиште живее легенда спoред која на ова место имало една плоча – поголем камен блок со бела боја – според која и местото го нарекувале Бела Плоча.
Заради светоста на местото тука се палеле свеќи. Но, во турско време, велештани се обиделе да ја украдат неа и да ја однесат во Велешта за да им служи при обред во гробиштата. За таа цел ангажирале повеќе коли со волови и биволи. Но тие тешко се движеле. Се говори дека искршиле дваесет коли, а со плочата едвај стигнале до местото Пелвец. Бидејќи не можеле да ја влечкаат повеќе, ја оставиле и отишле кај некој гледач. Тој им кажал дека плочата не се помрднува бидејќи е од вакоф и ги посоветувал да ја вратат или да ја остават тука. Тие ја оставиле.
Во непосредна близина, во Вакоски Ливаѓе, во мала куќарка живеела некоја си Сава Баткоска. Таа имала две биволици и две биволчиња, и со помош на неколкумина вевчанци ја товарила плочата на една двоколка и тргнала кон Вевчани. Биволчињата неа ја носеле сосема лесно, сѐ додека не стигнале на влезот од Вевчани, на истото место од каде што таа била однесена.
Тогаш се договориле дека нејзе местото ѝ е тука, ја истовариле и над неа ставиле покрив, односно направиле параклис, што го нарекле Св. Спас.
vevcani-info.mk