Изминативе два дена, на 10 и 11 јуни, кога според новиот стил Црквата Божја го слави споменот на Светите славни Апостоли Вартоломеј и Варнава, како и на Пресветата Владичица наша Богородица, во чест на нејзината чудотворна светогорска икона „Достојно ест“, Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, го прослави својот именден. На свештените богослужби и свеченостите што се одвиваа во седиштето на Првопрестолната Вселенска Патријаршија во Фанар, Цариград, присуствуваа многубројни архиереи, свештеници, монаси, верен народ и угледни гости од повеќе помесни православни Цркви и држави во светот.
Празнувањето започна со празнична Вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше Сесветиот Патријарх. Во продолжение, Патријархот го изврши чинот на осветување на обновеното величествено здание на некогашното градско Патријаршиско училиште на Мараслис, коешто Патријаршијата го обновуваше изминативе години со голем труд и заложби. Во своето обраќање по повод осветувањето и свеченото пуштање во употреба на зградата, Пастироначалникот нагласи дека „иднината му припаѓа на едно образование, коешто му нуди на човекот излез од лавиринтите на затвореното самоостварување и на незаинтересираноста за со-човекот. Христијанскиот етос се наоѓа во сржта на оваа идеја за образованието, бидејќи ја опфаќа идејата за релациска слобода, друштвеност, отвореност кон со-човекот и солидарност“.
По завршувањето на осветувањето, Неговата Сесветост приреди почастение и прием на гостите во атриумот на обновената и осветена зграда, каде што ги примаше честитките од гостите.
Свеченото празнување продолжи и денес со празничната Утрена богослужба и со Божествената Евхаристија. На крајот од богослужението обраќање со честитки од името на јерархијата на Тронот по повод именденот на Сесветиот Патријарх имаше Вископреосветениот Митрополит Старец Халкидонски г. Емануил, а по него се обрати и самиот Патријарх, кој им се заблагодари на сите што му изразија чест и му го честитаа именденот.
Меѓу многубројните присутни од повеќе земји, беа и нашите браќа, архимандритот Кирил и јеромонахот Еразмо, кои допатуваа во Фанар како претставници на нашата монашка заедница, со благослов на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој заради впишувањето на Светите Спасо и Спаса во Диптихот на Светиите не беше во можност и самиот да отпатува. Нашите отци беа удостоени со посебен прием во кабинетот на Неговата Сесветост, каде што му ги пренесоа честитките, молитвите и благопожелбите од нашиот Старец, од братството и од сестринствата. Од своја страна, Патријархот им ја изрази на браќата својата срдечна благодарност и ги испрати своите патријаршиски и татковски благослови за клирот и народот на Охридската Архиепископија.
Братството на Светата Бигорска Обител Му благодари на Бога што на светиот Вселенски Престол денес се наоѓа една таква богомдарувана личност, којашто е благослов за целата Христова Црква. Нашата радост е голема што во овие бурни времиња имаме Водач кој со својата мудрост и духовна длабочина ги води верниците кон светлината на Христовото познание. Од длабочините на своето срце, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата и сестрите, му посакува на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј уште многу години да ја води Христовата Црква исто како и досега, со добри дела, со небесна мудрост и со татковска љубов.
Смирено Го молиме Господ да му испрати небесна помош за носењето на тешкиот крст и големата одговорност што ја има за Светата Црква Божја. Нека му ги преумножи љубовта, мудроста и расудувањето кои се негова одлика и нека го поддржи во секој негов благороден потфат. Секој негов збор и дело се сведоштво за силата на верата и љубовта кон ближниот, кои ни служат како пример и вдахновение.
На многаја лета, Ваша Сесветост!