сабота, ноември 16, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светиот маченик Талалеј, Недела на Самарјанката- четврта недела по Пасха

Родум од Либан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповедаше својата вера во Господ Христос пред мачителот, Нумеријан им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но, на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото.

Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва.

Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.

 

Во овој ден го празнуваме празникот на Самарјанката, бидејќи тогаш Христос јавно Себеси се објави за Помазаник, односно Месија на еврејски (од зборот меса што значи елеј), односно Христос на грчки јазик. Сограѓаните на Самарјанката, откако Спасителот поминал кај нив два дена, ѝ говореле: „Сега не веруваме поради твоите зборови, туку самите чувме и познавме дека Он е навистина Спасителот на светот, Христос.“ И кај сите е така. Најпрвин со надворешно слово биваат призвани кон Господа (или како што е сега кај нас, од раѓање се вбројуваат помеѓу христијаните), а потоа кога на дело ќе вкусат дека во Господа има живот, тогаш не заради надворешната припадност кон христијанското општество се држат до Господа, туку заради внатрешната поврзаност со Него.

Така, сите кои се раѓаат во христијанско општество, потребно е во себеси да го воспостават законот, односно да не се ограничуваат само со надворешната припадност кон Господа, туку да се погрижат и за внатрешната поврзаност со Него, за потоа постојано да носат во себе сведоштво за тоа дека тие стојат во вистината. Што е потребно за тоа? Потребно е да ја воплотат во себе вистината Христова. Вистината Христова е подигнување на паднатиот.

Па така, остави го стариот човек, којшто тлее во прелесните телесни похоти, и облечи се во новиот, создаден според Бога во правда и преподобие на вистината, та самиот во себе ќе знаеш дека Господ Иисус Христос е навистина Спасител, не само општо, на светот, туку и на тебе лично.

denovi.mk