АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Недела на мироносиците, втора недела по пасха

Во овој ден го празнувањем споменот на светите жени мироносици, и на Јосиф од Ариматеја, тајниот ученик Христов, и еден од седумдесетте апостоли, како и на Никодим, којшто од старешините јудејски пристапи кон Христа. Бидејќи тие жени беа сведоци на вистинското и прво Воскресение, а Јосиф и Никодим на погребението. Откако го погреба телото Господово, Јосиф се врати во Ариматеја, во својата татковина, каде што му се јави воскреснатиот Христос и го увери во таинството на Воскресението. Јосиф многу пострада од јудејците, бидејќи не молчеше за овие таинства, туку храбро ги проповедаше. И Никодим сè подробно објаснуваше, за страдањата Христови, и за Воскресението прв од сите објасни.

Жените, пак, први го видоа Воскресението и им благовестеа на самите благовесници – учениците Христови, бидејќи требаше на женскиот род кој прв падна во грев, да му се даде и прв да го види Воскресението и требаше прв да ја осети радоста родот кој прв чу „со маки ќе раѓаш деца“. Мироносици беа наречени затоа што со миро дојдоа да го довршат еврејскиот обичајот на погребение, кој Јосиф и Никодим не успејаа да го довршат на Велики Петок, бидејќи тие само го помазаа со алој и смирна и го обвија во плаштаница. Овие жени кога купија миро, дојдоа многу рано да го оплакаат и да го помазаат Христа, но во гробот видоа два Ангели, со блескав изглед, како седат еден спроти друг.

Потоа и Христа го видоа и му се поклонија. Мироносиците беа повеќе, но евангелистите спомнуваат само за неколку од нив, а не за сите. А беа овие: прва од сите – Марија Магдалина, од која Христос изгони седум демони, која по Христовото вознесение дојде во Рим да проповеда, а потоа се упокои во Ефес и беше погребана од свети Јован Богослов, а подоцна нејзините мошти беа пренесени во Константинопол од царот Лав мудар.

Втората беше Саломија, ќерка на свети Јосиф обручник и жена на Заведеја, од која беа родени Евангелистот Јован и брат му Јаков, а која имаше и уште други деца – Јаков помалиот, Јосија, Симеон и Јуда, Естир, Тамар и Салома. Затоа кога ќе се чуе во Евангелието: Марија, мајката на Јакова помалиот и на Јосија, не се мисли на Богородица, бидејќи од би произлегло дека таа е роднина на Евангелистот Јован.

Третата мироносица е Јоана (Јована), жената на Хузан, кој беше чувар на домот на царот Ирод. Четвртата и петтата се Марија и Марта, сестрите Лазареви. Шестата е Марија клеопова. Седмата е Сосана (Сузана), а со нив имаше и други жени кои со своите имоти му служеа на Христа и на Неговите ученици.

 

denovi.mk