АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Недела на митарот и фарисејот

Неделата на митарот и фарисејот е првата од трите недели, подготвителни за Великиот Пост. Тие се од светите отци смислени како обука и поттик, за да бидеме готови за духовниот подвиг на постот, оставајќи ги скверните обичаи и навики. Оние кои се готват за телесна битка, најпрвин од војсководците го дознаваат времето на битката, за навремено да го исчистат оружјето, и сè друго добро да устројат, и откако ќе ги отстранат сите пречки, усрдно да се нафатат на подвигот, и да се снабдат со сè што ќе им биде потребно.

Многупати пред битката, тие кажуваат истории, споредби и приказни кои во душата поттикнуваат ревност, а ги изгонуваат мрзливоста, стравот, очајанието, и сето друго што е бедно. Така и божествените отци, пред постот, возгласуваат вооружување против демоните, за со тој подвиг да се исчистиме од отровот кој се наталожил во нас. Доколку сè уште не сме се снабдиле со потребното, да се трудиме да го стекнеме, за да бидеме добро наоружани за напорот на постот.

Бидејќи првото оружје кон добродетелта е покајанието и смирението, а пречка кон поголемото смирение е гордоста и вознесувањето, затоа најпрвин и се изложува оваа достоверна евангелска приказна. Нè поучува да ја оставиме страста на фарисејската гордост и надменоста, та слично на митарот да твориме спротивно на оваа страст, смирение и покајание.

Бидејќи првата и најголемата страст е гордоста и надменоста, и тоа му причини пад од небото на ѓаволот, па тој беше изгонет во темнината. Но, и родоначалникот Адам, заради ова беше изгонет од рајот, преку храната. Со овие примери нè поучуваат светите да не се вознесуваме над некого од ближните заради своите напредувања, туку секогаш да бидеме смирени, затоа што Господ им се противи на гордите, а на смирените им дава благодат.

Подобро е кога грешникот се обрнува во покајание, отколку кога праведникот се вознесува. Рече Господ: митарот си отиде повеќе оправдан отколку фарисејот. Оваа приказна покажува дека никој не треба да се вознесува, дури ни кога прави добри дела, туку секогаш да се смирува и да Му се моли на Бога за душата, па така, дури и да е паднат во крајно зло, нема да е далеку од спасението.

 

denovi.mk