АктуелноОхрид

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт до 2026-та година ќе бидe завршен автопатот Кичево – Охрид

Јас ќе зборувам за неколку работи, дел се тековни, дел ќе бидат нови, но истовремено нема како, а да не споменам дека сигурно нема да биде како до сега. Се сеќавате на еден одговор на мнозинскиот иако е малцински партнер во Владата, претседателот на помалата партија која во суштина е поголема во Владата, му даде сугестија на Ковачевски кога беше прашан од страна на новинарите како ќе продолжите понатаму, па овој рече како до сега. Сигурно нема да биде како до сега, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ која што се одржа во Другово, општина Кичево.

„Со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу поразлично, од како што беше до сега. Затоа што до сега буквално немаме никакви победи како народ, како држава, туку нижеме порази, декаденција, срам, понижување, криминал, пљачка насекаде. И најчесто дури и оние малку проекти кои што беа реализирани во делот на инфраструктурата се проследени со многу сомнежи за сторен криминал и корупција“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт сиот криминал и корупција што се случил во делот на инфраструктурата детално ќе се истражи и ќе има одговорност за тоа.

„Видеото „Стани Благоја, да те види сала“ заврши со една наредба која што требаше да биде реалност, а тоа е да автопатот Кичево – Охрид биде завршен во јануари 2024-тата година. Сега сме веќе втора половина на февруари месец, а од автопатот нема ниту „А“. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти завршен од тоа што треба да биде 100%. Значи имаме некаде од прилика 30-тина проценти. И ние детално подготвувајќи се за оваа трибина, анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување кое што ќе биде дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026-тата година“, вети Мицкоски.