Роден во Охрид, на Божик 1847 година. Монашки потстриг прими во 1873 година, во манастирот „Свети вмч. Пантелејмон“, Нерези. Потоа премина во манастирот Горен „Свети Илија“, село Бањани, а во 1874 година во братството на Марковиот манастир, за најпосле да се насели во селото Ракотинци и таму да го обнови манастирот „Свети Илија“. Во 1896 година основа келијно училиште за деца. Со своите молитви и со лекови од природата го лечеше Божјиот народ. Живееше во исклучително тешко време, за време на турското владеење, Балканските и Првата светска војна, со тешки искушенија и притисоци, и сенародно страдание. Неговиот подвижнички живот, беше исполнет со страданијата што ги трпеше од турските власти и од локални турски и арнаутски одметници, кои во неколку наврати сакаа да го убијат. Во 1913 година беше произведен во игумен, а во 1935 година во архимандрит. Се упокои на 24 јануари 1940 година. По неговато преставување пред Господа, во неколку наврати го откриваше своето нераспаднато тело од кое се ширеше пријатен мирис.