Охрид

Охридските полицајци сами рибаат клозети, фрлаат ѓубре, бришат прашина и метат во станица

Блокадата на тендерот  за одржување на хигиена во објектите на МВР го парализира чистењето на објектите низ цела Македонија, па така и во Охрид, а деновиве вработените во СВР Охрид почнаа сами да чистат клозети, да метат, да бришат прашина и да фрлаат ѓубре во контејнерите кај СВР Охрид и езерската полиција.

Ваквата состојба беќе почнала да ги крева тензиите меѓу вработените во полицијата кои почнале меѓусебно да се фотографираат и да снимаат и тие снимки да ги доставуваат до медиумите.

Видео снимки на кои се гледаат поранешни раководни структури на СВР Охрид како фрлаат ѓубре во контејнерите одредени вработени се обидоа да ги обелоденат во медиумите доставувајќи ги преку лажни профили,  а јавуваат и дека тензиите меѓу полицијата и оние по канцелариите веќе стигнале на критично ниво.

„ Полицајците што се расправаат со разно разни нешта по градот нема да чистат. Нека чистат господата што се вработени по партиски линии. Го претворија МВР во депо за партиски кадри кои чекаат стаж за пензија ,  сопруги , снаи, золви, јатрви, синови и ќерки на некого дремат по канцеларии и не знаат што да прават со себеси, па ете конечно еднаш нешто корисно нека сработат, за платата и бенифицираниот стаж што го имаат , па нека чистат. “ – пишуваат вработени во СВР Охрид.

Кога ќе се реши ситуацијата со тендерот и кога полицајците ќе може да ги остават метлите и џогерите и повторно да се фатат за пендраците останува да видиме.