петок, ноември 29, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светата маченичка Христина

Родум од градот Тир, ќерка на царскиот намесник Урбан, идолопоклоничка. Не се знае од кои причини родителите и го имаа дадено името Христина, но тоа ја криеше во себе тајната на нејзиното идно одење по Христа. До својата единаесетта година не знаеше за Христа ништо.

 

А кога наполни единаесет години, нејзиниот татко, со цел до полната возраст да ја скрие од светот заради нејзината вонредна убавина, ѝ го одреди највисокиот кат од една висока кула и ја всели да живее таму. И ги устрои сите удобности за живот, и даде робинки да ја служат, постави во нејзините одаи сребрени и златни идоли за да им принесува жртви секојдневно. Но, на таа млада душа и беше тегобно во онаа идолопоклоничка средина.

 

Гледајќи ги низ прозорецот дење сонцето и сите убавини на светот, а ноќе чудесното блескање на ѕвездите, таа по својот природен разум дојде до цврстата вера во едниот жив Бог. Милостивиот Бог, Кој го виде нејзиниот копнеж по вистината, ѝ испрати ангел кој ја прекрсти со крсниот знак, ја нарече невеста Христова и наполно ја поучи во богопознанието. Тогаш Христина ги искрши сите идоли по нејзините одаи и така предизвика ѕверска лутина кај татко ѝ.

 

Тој ја изведе на суд, ја предаде на маки, а потоа ја фрли во затвор, со намера утредента да ја убие со меч. Но, таа ноќ Урбан здрав како дрен ја испушти душата и отиде во гроб пред ќерка му. Потоа двајцата намесници Дион и Јулијан го продолжија измачувањето на светата девица. Храброста во трпењето и чудата што ги изврши Христина со силата Божја обратија мнозина тирски незнабожци во христијанство. За време на нејзиното мачење Дион одеднаш падна мртов среде народот.

 

Неговиот наследник Јулијан ѝ ги отсече градите и јазикот. Маченичката го зеде својот јазик и му го фрли на Јулијан во очи, од што тој одеднаш ослепе. Најпосле нејзините маки за Христа завршија со смрт под остар меч, а нејзиниот живот се продолжи во бесмртното ангелско царство. Света Христина пострада чесно во третиот век.

 

 

 

denovi.mk