АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Mакедонската репрезентација во едрење ќе учествува на младинското Светско натпреварување во Волос, Грција

Од 23 до 30 јули македонската репрезентација во едрење ќе учествува на Младинското светското натпреварување во едрење во класата ИЛКА 4, во Волос во Грција на возраст од 15 – 17 години ( ILCA 4 Youth World Championship)

Репрезентацијата е составена од Матеј Кавај, Мерт Лушо, Евгенија Ставрева, Софија Ставрева и Илина Гаџовска и тренерите Лушо Фарук и Стефан Ставрев.

„Ги одбравме најдобрите едриличари кои во моментот ги имаме во двата клуба во Охрид и Струга, кои се дел од Едриличарската федерација на Макеоднија.  Дечките се во одлична форма и имаат голема поддршка од клупските другари. Овие натпреварувачи се средношколци кои со едрење започнаа на седум годишна возраст, од класата Оптимист, за да можат сега да се натпреваруваат на Светско првенство во класата ИЛКА 4“ вели тренерот Лушо Фарук.

Подготовките на тимот се случуваа цела година, во различни временски услови кои Охридското езеро ги понуди, а за среќа тоа знае да биде бурно и брановито како море, со добар ветар, неопходен за едрењето, истакнуваат натпреварувачите.

„Имаме големи предизвици кои се однесуваа на подготовка на тимот, едревме само во Охридското езеро, потоа имаме дотраена, постоечка опрема која успеавме делумно ја обновивме и се надевам дека таа ќе ги исполни стандардите на премерот пред првенството. Вложивме многу ентузијазам и знаење, ги искористивме нашите професионални и лични контакти за да може по 12 години пауза, да се вратиме на глобалната едриличарска сцена и да учествуваме на вакво големо натпреварување кое во минатото беше својствено за едриличарите од Македонија“ – вели Стефан Ставрев, претседател на натпреварувачката комисија на едриличарската Федерација.

Едриличарите Матеј Кавај и Мерт Лушо ќе се натпреваруваат во конкуренција со 260 мажи, а Евгенија Ставрева, Софија Ставрева и Илина Гаџовска меѓу 140 жени од 40 земји од светот.

Учеството на македонските едриличари на Светското натпреварување го поддржа Агенција за млади и спорт.