АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Раѓањето на Свети Јован Крстител – радост за светот

ѐ собра денес на торжество најголемиот меѓу родените од жена, Крстителот Господов Свети Јован. Со љубов го славиме и му пееме на неговото чудесно раѓање, кое е причина за радост на Црквата, оти од него започнува новозаветната благовест и пророците го гледаат своето окончание. Неговите свети молитви и застапништво со векови го крепат неговиот дом наречен Бигорски, во кој постојано оддекнува гласот кој повикува: „Покајте се!“. Бигорски, кој од секогаш бил близок до болката и до радоста на секој Христијанин, денес беше сеопшт центар на радост во кој се слеаја множества благодарни срца, за да го прослават Рождеството на Свети Јован. Со бдение и Божествена Литургија на која претстоеше Високопреосветениот Митрополит Дебарско – кичевски г. Тимотеј, во сослужение со нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со архимандритите, јеромонасите и јероѓаконите од нашата Свештена Обител, со презвитерите г. Горан и г. Павел и протоѓаконот г. Николче од Охрид, беше прославен вековниот светилник на Црквата Христова и примерот на монасите, Божествениот Крстител.

На Светата Евхаристија нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј со пофалби за Свети Јован и со поука за верниот народ, ја искажа својата празнична беседа, а верниот народ во голем број пристапија кон светиот путир да се соединат со Господа Исуса Христа нашиот Спасител.

Да бидеме мудри и да го послушаме нашиот небесен закрилник, Пророк и Претеча Свети Јован, па да се надеваме на милост Божја и на спасение на нашите души.

Славен Претечо, израмни ги сега нашите патеки по кои духовно чекориме, за да може Спасителот наш да дојде до нашите срца и живот вечен да ни дари.

 

 

Бигорски манастир