Водата во Охридското Езеро од македонска страна е од прва и втора класа и може да се користи за капење, спорт и рекреација, потенцираше на денешната прес конференција директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.
Стандардно, пред почетокот на сезоната се врши контрола на квалитет на водата во езерото на потегот од Св. Наум до Радожда, како и на Црн Дрим и Дебарско Езеро, објави ОхридПрес.
На земените примероци во три наврати, на 25-ти, 29-ти мај и 8-ми јуни вршени се комплетни физички, хемиски и микробиолошки испитувања и во најголем број случаи квалитетот на водата е од прва класа хемиски, а микробиолошки се класифицира како одлична.
Искуството покажало дека во јули и август водата ќе претрпи одредена деградација, пред сé заради поголемиот број на гости што ќе престојуваат покрај брегот и ќе го оптоварат колекторскиот систем, а со самото тоа и езерото, но да се надеваме дека тоа нема да биде вон рамките.
– Во струшкиот дел, двете капалиштата кои гравитираат на градското јадро се од втора класа и микробиолошки се добри, што значи дека согласно законската регулатива тие води можат да се користат за капење, спорт и рекреација. Она што загрижува, особено во охридскиот дел, кај т.н едриличарски клуб кај Студенчишта, е цевката што тука се влева. Земен е примерок директно од цевка, има вода со класа 5, незадоволителна микробилошки, што значи дека таа вода директно на некој начин го загадува каналот и езерото. За среќа, тоа не се прикажува бидејќи моќта на самопречистување на езерото како олиготрофно е многу голема, водата од каналот е проточна, се разредува и нема големи испади, потенцира Точков.
Што се однесува за делот кај Грашница, кај градска плажа земените мостри покажуваат дека водата е од прва класа и микробиолошки одлична. Сепак Точков вели дека состојбата на тој потег постојано ќе се следи.
– Зафатите што беа правени даваат резултати, но ќе оставиме во текот на сезоната, во јули кога ќе има поголемо користење на домаќинствата, поголем притисок од страна на туристичкте објекти. Се надевам дека тоа нема да се одрази на квалитетот, но ќе ја следиме состојбата, рече Точков.
Додава дека мора да се стави контрола на масовната градба во приобалниот дел, но и во проширувањето на градот и во оптоварувањето на колекторскиот систем и капацитетот што го има за да ги обработува.
– Системот и пумпната станица и системот за пречистување во Враништа е преоптоварен и треба час поскоро да се најде решение за да профункцонира таа станица како што треба и да не исфрла загадување во Дримот и канализационите, фекални води што ги носи колекторскиот систем, да бидат обезбедени и згрижени во системот. Да нема испусти и преливања, тоа да биде приоритет, подвлече Точков.
Цветањето на алгата е карактеристично за овој период во приобалниот дел, што создава непријатен мирис и грда слика. Но, тоа не е штетно по здравјето на луѓето и екосистемот на езерото. Сепак Точков препорачува да бидат внимателни оние кои имаат некои алергиски реакции што може да бидат предизвикани од алгите.