недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Спасески: Не се чувствувам виновен за тепањето на Пендиков

Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, денеска пред судот во Охрид се изјасни за невин за делото кое му се става на товар нему и на уште едно лице.

– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид кој го води судијата Бојан Мартиноски.

Неговиот адвокат Димитрија Цобоски рече дека обвинетиот Илија Спасески бил мирно момче кое работи како професор во училиште и учествува во образовен процес и дека досега не е осудуван и против него не се води постапка.

Одбраната на Спасески се произнесе дека за нив не е неопходно присуство на Пендиков во Судот за да продолжи судската постапка.

Застапникот на обвинението рече дека оштетениот Христијан Пендиков не присуствува затоа што треба да се направат дополнителни испитувања, а обвинителство се надева дека наскоро тој ќе се појави.

Обвинетиот Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков, а од притвор беше пуштен на 22 февруари. Истиот ден беше приведен вториот напаѓач, битолчанецот Б.А.

фото: Охрид 1