Наречен Сигријан заради местото Сигрија каде што беше роден. Роднина на царот Лав Исавријанин и неговиот син Копроним. Имаше огромно богатство и раскош. Но, кога Господ Христос се зацари во неговата душа, сето тоа за него изгуби вредност. Се спротивстави на женидбата што му ја наметнуваа, а кога сепак го принудија, успеа да ја посоветува својата сопруга на девствен живот под рувото на бракот. Кога му починаа родителите, жена му отиде во еден манастир, а тој во друг. Неговиот манастир беше во Сигријанските Гори, во Кизичката област. Некогаш славниот и богат Теофан во манастирот живееше како последен сиромав. И сите ѝ се восхитуваа на таа чудесна промена кај него. Бидејќи стана прочуен по неговата силна вера, воздржливоста и мудроста, го повикаа на Седмиот Вселенски Собор, во Никеја, на којшто се утврди иконопочитувањето. Заради големата чистота и целомудрие Бог му даде дар на чудотворење, та ги лекуваше сите болести, особено манијата и лудилото. Му се молеше на Бога за сите болни и неволни и им помагаше со својата молитва. А кога самиот се разболе, не сакаше да Му се моли на Бога за оздравување, туку долго и со благодарност ја трпеше својата болест. Кога повторно настана гонење на иконите од злиот цар Лав Ерменин, свети Теофан беше доведен во Цариград и фрлен во затвор, каде што две години помина во тегобност и маки и понижувања. Тогаш царот го испрати во ропство на островот Самотраки, а ова тој го прозре со својот дух и им го кажа на затворските чувари. Кога стигна во Самотраки, поживеа само дваесет и три дена, па се престави кај својот Господ и Создател од Кого го прими стекнатиот венец на невенливата слава.