Благословот на Светиот Солунски Чудотворец Григориј Палама, што изобилно на нас го излева Втората недела од Чесниот Пост, традиционално привлекува многу богокопнежливи души во рајскиот дворец на Победоносецот. Оваа година не беше ништо поинаку. Молитвениот призив го слушнаа во срцето и од сите страни пристигнаа во светилиштето бројни поклоници на овој Божествен слуга, кои со голема нетрпеливост и со неопислива радост се нурнаа во благолепието на празничното чествување на Рајчичкиот патрон. Разгорената молитва на многубројните смирени срца се издигна налик на столб над светилиштето, предводена од свештените прозби на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој претстоеше на торжеството и испроси од небото изобилен дожд на благодат што ги ороси нашите жедни души. Каква духовна гозба ни приреди Свети Григориј! Умот на сите присутни во цветно украсениот параклис со восхит се предаваше на возвишено созерцавање, вдахновено од умилително отпеаните пофалби кон Светиот, а душата се насладуваше од забележливо присутната благодат и моќното присуство на чествуваниот.
Бигорски манастир