недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

Костадиновска-Стојчевска: Културното наследство е наш врвен приоритет, уништувањата на Влахо и на Лагадин се преседан што не смее да се повтори

На денешната прес-конференција, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на теми што предизвикаа интерес во јавноста, а се од областа на заштитата на културното наследство, како и на актуелните случувања во Охридскиот Регион.

Поради актуелноста на некои од прашањата, Костадиновска-Стојчевска одржа и седници со Националната комисија на УНЕСКО и со Националниот совет за културно наследство.

„Ја поздравувам одлуката на Битолскиот суд кој го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци, од страна на концесионерот до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело ‘оштетување или уништување на добра…’ од чл. 264 од Кривичниот законик. Ја поздравувам и брзата реакција на Основното јавно обвинителство Битола“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи.

Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.

Министерката потенцираше дека Министерството за култура ја продолжува засилената координација со сите релевантни фактори за спречување на натамошни нелегални и деструктивни активности на археолошките локалитети и останатото културно наследство во земјава.

За локалитетот во штипско Спанчево, Костадиновска-Стојчевска ја пренесе информацијата од надлежната институција, НУ „Завод и Музеј“- Штип од каде се вели дека е извршен увид на археолошкиот локалитет „Свети Атанасие“ во село Спанчево и е констатирано дека на местото каде што се изведуваат градежни работи за поставување на фотоволтаици од инвеститорот „Сити Инвест“ не се забележани наоди кои би укажале на постоење на културно наследство. Во консултација со Општина Чешиново-Облешево, инвеститорот ги имал сите документи за отпочнување со градежни активности, односно дозвола за градба од 2013 година со важност од 10 години.

Костадиновска-Стојчевска по седницата со Националната комисија за УНЕСКО, информираше дека по прашањето со изградбата на објект на крајбрежјето во Лагадин е заклучено дека се препорачува Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани за градба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

„Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид“, подвлече министерката која е претседателка на Националната комисија за УНЕСКО.

Министерката информираше дека Комисијата препорачува Општина Охрид, следејќи ги препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство, и водејќи се по одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, да ја поништи донесената Одлука за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (број 08-17370/61 од 22.12.2022 година) и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, а имајќи го предвид членот 2 од Законот за управување со светското природно и културно наследство според кој управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес, што се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

„Во новата Одлука, Општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22.12.2022 година“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.