Источното православно (византиско) пеење, вдахновено од првиот и врховен Поет – Бог Творецот и исткаено од љубовта, подвизите и созерцанијата на Отците на Црквата од Исток, е двигател што ја поткрепува и возвишува духовноста на верните, правејќи ги соучесници во непрестајното ангелско славословие кон Бога, и е духовно-уметничка дејност која ги обединува сите православни, како најсоодветен начин за излевање на душата пред Бога.
Токму со оваа мисла и во овој универзален и обединувачки дух на Православието и на неговата музичка уметност, вчера, на 7 декември, во Соборниот храм „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Атина, се одржа Вториот атински меѓународен фестивал на православна црковна музика, во организација на Здружението на псалти од Атика, под претседателство на протопсалтот г. Илијас Редијадис Тумбас. На наша голема радост и чест, и оваа година Бигорското братство беше удостоено со покана од претседателот г. Тумбас, за учество на оваа угледна манифестација. Со благослов на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, нашето братство го претставуваше протопсалтот и хорарх на бигорскиот хор јеромонахот Анатолиј Лазески. Освен него, на фестивалот учествуваа: хорот на Здружението на псалти од областа на Атика „Свети Роман Слаткопеец и Јован Дамаскин“, хорот на Здружението на псалти од Трикала „Свети Јован Дамаскин“, протопсалтот Артемиј Калиј од Украина, протопсалтот Мелетиј Велчев од Бугарија, и добро познатата Старица Маријам Скорда, една од најдобрите женски псалти во нашево време.
Отец Анатолиј настапи со тешките и комплексни за изведба песнопенија: „Милостите Твои, Господи“ од Михаил Ананеот и „Мудреците Персиски“ од Петар Филантидис. Со својот прекрасен глас и со длабоките познавања и умешност во источно-православното црковно пеење, тој ја престави Бигорската Обител во најдобро можно светло.
Меѓу гостите во преполнетиот Храм беше и нашиот Старец, Епископот г. Партениј со дел од братството. Покрај бројните свештеници, тука беше и претставникот на Архиепископот Атински г. Јероним, а исто така присуствува и видни граѓани од политичкиот и општествен живот на грчката престолнина.
Во своето пригодно обраќање, организаторот г. Илијас Редијадис Тумбас, поздравувајќи ги присутните, меѓу другото, изрече:
„Ми претставува особена чест што вечерва меѓу нас се наоѓа Епископот Антаниски г. Партениј од Охридската Архиепископија со дел од своето братство. Силно им се заблагодарувам што направија толку голем труд и жртва, та да допатуваат од нашата соседна земја Северна Македонија, за да учествуваат на овој фестивал и да бидат наши почесни гости“.
Бигорски манастир