Завршија предвидените археолошки истражувања за 2022 година на локалитетот Самуиловата Тврдина во Охрид. Финансиските средства за реализација на проектот беа обезбедени со програмата за финансирање од буџетот на Република Северна Македонија со наслов: “ Доистражување на просторот од Самуилова Тврдина – Цитадела , изработка на конзерваторски проект и непосредна заштита – конзервација на објекти со цел ревитализација на целиот простор, заради целосна презентација и самоодржување, се вели во објавата од ФБ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.
„Локалитетот Самуилова Тврдина веќе неколку години е истражуван во континуитет.
Со последните истражувања имаме сознанија за хронолошката комплексност на локалитет, а секако и показателите од движен и недвижен карактер укажуваат на развојот на културните хоризонти и неговите етапи.
Во контекст на ова истражени беа околу 150 м² , при што беше откриена архитектура која е дел од поголем комплекс на градби кои припаѓале на доцниот османлиски период, како и фрагменти од керамички садови ; делови од глеѓосани зргафито чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети кои го бележат секојдневниот живот на населението кое живеело на овие простори во периодот од доцната антика па се до доцниот османлискиот период. За прв пат беше извршено и фотограметриско снимање на северната и јужната половина од Цитаделата. Раководител на проектот е археолог Анатоли Арнаудовски“.
извор: ФБ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид