Од почетокот на 2020 година или цели веќе 28 месеци, состојбата во автомобилската индустрија во целиот овој период е континуирано во надолна линија, оценува за Економија и Бизнис, генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
– Со рускиот напад на Украина, ситуацијата во автомобилската индустрија се соочи со нов предизвик. Речиси 80 000 вработени, најчесто лоцирани во Западна Украина, работеа во 38 фабрики автомобилски доставувачи и произведуваа пред сè кабли, електроника и навлаки за седишта, во најголем дел за германските производители на возила. Во Украина се произведуваа 7 % од целокупното производство на автомобилски кабли за европскиот пазар и веднаш дојде до застој, откажувања на смени и целосно запирање на производството на добар дел од европските фабрики на: Фолксваген, Мерцедес, Ауди, Шкода, Порше, Форд.
Заштита и безбедност на своите вработени во фабриките во Украина, наоѓање на алтернативни локации, реплицирање на производните машини, евакуација на калапи и алати, беа само дел од активностите со кои се соочија големите оперативни тимови на производителите на возила и нивните доставувачи. Истовремено одлуките за стопирање на работата и повлекувањето од производство во своите погони во Русија на Фолксваген, на Мерцедес, на Рено, на Тојота и на др. придонесе до дополнителни потреси на пазарот како дополнување на претходно донесената одлука за забрана на извоз на европски брендови на возила за рускиот пазар.
Ваквата состојба се очекуваше да предизвика префрлање на производството од Украина најпрво во соседните држави, членки на НАТО, а подоцна и во поширокиот регион на Балканот. Интересен е пробивот на подалечните земји конкуренти како Мароко, каде што на крајот на март се склучени инвестициски договори со 5 инвеститори доставувачи од автомобилската индустрија присутни во Украина во вкупен износ од 180 милиони долари, што на среден рок делумно би го компензирало падот на производството до сега лоцирано во Украина. Некои од присутните компании во Македонија кои имаат свои фабрики во Украина: Гентхерм, Аптив, Кромберг и амп; Шуберт, ОДВ Електрик, КОСТАЛ и Ацомпласт размислуваат за префрлање на дел од производствените линии кај нас. Доколку како држава бевме навремено подготвени и проактивни за долгоочекуваниот феномен на приближување, драстично поизразен за време на ковид кризата и прекинот на доставувачките синџири на глобално ниво, резултатите и експедитивноста во овие околности ќе беа на многу повисоко ниво и ќе можевме да извлечеме и позитивни резултати со анимирање и привлекување на нови инвеститори. Наместо да го продолжиме процесот на активна комуникација со менаџерските тимови и луѓето кои ги носат одлуките во мултинационалните компании, како и континуирано да сме присутни со експерти со познавање на автомобилската индустрија на глобалните настани, фокусот на прилекување на СДИ е рециси целосно изгубен. Дури и оние инвестиции од автомобилскиот сектор кои ја избраа Македонија во изминатиов период, тоа го сторија врз основа на своја анализа и проактивност. За целосно да не се изгуби моментумот и долгоградениот имиџ на привлечна и конкурентна земја за автомобилската индустрија, треба активно да се работи барем на поддршка на веќе постоечките инвеститори за да се стимулираат да реинвестираат и да прошират дел од своите активности во Македонија.
Кинеската политика на нулта толеранција на ковид веќе пет недели значи делумно или целосно затварање на поширокиот регион на Шангај каде што се наоѓа и најголемото кинеско пристаниште, како и добар дел од кинеската извозноориентирана индустрија. Во моментов, околу 40 % од кинескиот БДП (45 градови со популација од над 400 милиони луѓе) се наоѓаат под различни форми на карантин, што дополнително ќе влијае на прекинување или пролонгирање на веќе проблематичните синџири на доставувачи.
Инфлацијата од над 7 % во Европската Унија, како и економската несигурност поради војната во Украина негативно влијаат на сентиментот за купување на нови возила во Европа. Веќе 9 месеци по ред има намалување на продажбите на возила споредено со истиот месец пред 1 година. Во првиот квартал, во Европа се продадени 12,3 % помалку возила од истиот период лани. Глобалната проекција од март оваа година е дека 2,6 милиони возила помалку ќе бидат произведени во 2022 и 2023 година. За 2022 година, тоа е 2 % помалку возила од 2021 година, а претходните очекувања беа раст на производството од 4 до 6 %. Априлската проекција е за дополнителни 1 милион возила пониска од мартовската, а најголемиот пад (500 илјади) се однесува на Европа.
Горенаведената ситуација драстично влијае и на автомобилскиот сектор во Македонија и на состојбата со која се соочуваат триесетина компании кои вработуваат околу 30 000 луѓе. Намалените нарачки од нашите клиенти резултираат во намален обем на работа кај нас, како и помала искористеност на капацитетите: работа во само една до две смени дневно, неработа за викенди и сл. Компаниите се принудени да побараат од вработените предвремено искористување на годишниот одмор или испраќање на принуден одмор со исплата од 70 % од личниот доход. Обемот на работа во компаниите кај нас во првиот квартал, споредено со планираниот буџет за оваа година, е помал за 15 до 35 %, зависно од брендовите и моделите на возила за кои се произведуваат компоненти.
извор: Економија и Бизнис