Светскиот ден на бубрегот
World Kidney Day е најодбележуван настан во светот посветен на истакнување на важноста на здравјето на бубрезите. Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток од месец март, во повеќе од 200 земји ширум светот на сите континенти.
Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон уште од 2007 година се прикличи кон светската кампања на меѓународните организации ISN и IFKF за одбележување на World Kidney Day, и 15 години по ред во соработка со стручните медицински здруженија, институциите, пациентите и медиумите во нашата земја спроведуваме активности за подигнување на јавната свесност за важноста и застапеноста на хроничните бубрежни болести.
Болестите на бубрезите може да се превенираат, навремено да се откријат и дијагностицираат за лекувањето, понатамошниот третман и справувањето со болеста да биде приспособено и полесено за секој пациент. Редовно, а најмалку еднаш годишно проверувајте ја функцијата на Вашите бубрези! Тоа може да го направите кај матичниот лекар со едноставно испитување на вредностите на уреа и креатинин – во секоја лабараторија.
Во 2022 година слоганот на кампањата е: „Да ги сплотиме знaењата за подобра нега на бубрежно болните лица!’’.
Бубрежните болести се незаразни болести кои погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот.
1 од 10 возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Во глобални рамки ХББ (Хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде 5-тата болест како причина за смртност на годишно ниво. 2 милони луѓе во светот се на дијализа.
И во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни или околу 200 000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста (стадиум 5) кога е неопходно да се лекуваат со дијализа има околу 1600 пациенти, во 23 центри за дијализа. Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат функциите кои се од витално значење за организмот. Дијализниот третман е тежок и исцрпувачки за пациентите, а термините за дијализа се утврдени, чести, траат долго и не смеат да се пропуштаат. Секој втор ден пациентот на дијализа „купува“ време од својот живот, дијализирајќи се 4 -5 часа за да живее во следните 48 часа.
Најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег. Трансплантацијата на бубрег од жив донор или од кадавер е сложена медицинска процедура кога во телото на болниот се “пресадува“ орган од друг човек. Дарителот може да биде познат член од семејството или пак непознат дарител, кога со “органодарителство’’ органите од починати лица со мозочна смрт се трансплантираат во телото на други лица за да се спаси нивниот живот. Трансплантацијата во нашата земја бележи напредок во последните неколку години благодарение на хуманоста на народот, стручноста и посветеноста на медицинскиот персонал. Кога органодарителството би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле да се спасат од дијализа и достоинствено и поквалитетно да живеат со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рахабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е “врзан за апарат’’ и може да патува…
Во РС Македонија и во светот болеста е застапена повеќе кај возрасната популација и машкиот пол.
За разлика од тоа жените се побројни донори на органи.
Најмладиот пациент на дијализа има само 2,5 години и е на домашна дијализа, а најмладиот пациент на хронична дијализа кој се дијализира во центар има 13 години. Најстарата пациентка има 90 години.
Со современите дијализни третмани векот на преживување на дијализните пациенти е продолжен, пациентот со најдолг дијализен стаж во нашата земја е со 43 годишен стаж.
На наше задоволство континуирано се зголемува бројот на трансплантации, а поготово од кадаверични трансплантации. Вкупно 42 трансплантации на бубрези се извршени во текот на минатите 2 години за време на пандемијата, од кои 20 од починат донор. Најголем дел од трансплантираните пациенти се на возраст до 40 години.
Како здружение на граѓани со долгогодишно искуство апелираме дека само со сплотени знаења може да се постигне подобра нега на бубрежно болните лица! Секој пациент треба да има еднаков пристап до превенција, третман и еднакви услови за лекување на бубрежните болести.
Здружение на бубрежно болни граѓани
НЕФРОН – Скопје
М-р Душко Ѓорѓиев, претседател