Охрид

Благодарение на “Heart Safe Cities” и “Cross4all” Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања ја обнови и надгради медицинската опрема

Благодарение на проектите “Heart Safe Cities” и “Cross4all” кои се дел од Interreg IPA – CBC програмата за прекугранична во соработка со Грција, Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања ја обнови и надгради медицинската опрема.

Д-р Виолета Мојсовска открива дека Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања  од 2018 година за прв пат станала партнер во два проекти кои се дел од Interreg IPA – CBC програмата за прекугранична во соработка со Грција, финансирани од Европската унија.

„Работата и имплементацијата на проектните активности беше исклучителен предизвик за тимот од нашата болница, земајќи го во предвид отсуството на претходно искуство во вакви активности, но соработката со останатите партнери и максималната посветеност на нашиот тим вроди со плод и крајните резултати и од двата проекти се од исклучителен придонес за нашата установа. Преку проектот Heart Safe Cities , во кој наши партнери се 4тиот Округ за Здравје на Македонија и Тракија и Општина Каламарија од Грција и Здравствен дом Охрид, обновивме и надградивме голем дел од медицинската опрема во нашата установа. Преку набавка на 10 автоматски дефибрилатори, централен мониторинг за пациенти во интензивна нега, апарат за ехокардиографија, ЕКГ апарати и комплето опремено амбулантско возило, го зајакнавме нашиот капацитет за третман на кардиоваскуларните болести. Исто така , преку спроведување на едукации за основно и напреднато одржување во живот на граѓани од регионот и медицински персонал, континуирано работевме на подобрување на квалитетот на здравствените услуги во Охрид.
Целта на проектот Cross4all беше поттикнување на здравствената писменост и дигиталната здравствена писменост, дизајнирање на иновативни практики за справување со здравствените нееднаквости и подобрување на пристапот до здравствени услуги за сите граѓани, воспоставување на нови механизми фокусирани на условите на сиромаштија и обезбедување на услуги во домовите, вклучително и во руралните и изолираните области, промовирање заеднички стратегии за развој на интегрирана здравствена и социјална грижа во прекуграничната област. Преку овој проект нашата установа набави медицински апарати (глукометри, спирометри, холтер апарати, електронски стетоскопи, електронски ваги, таблети, интерактивни информативни табли…) кои се користат во дијагностичките продедури во амбулантниот дел на болницата, а во моментов се печати и водич за обезбедување на достапни здравствени и социјални услуги за луѓе со попреченост и вулнерабилни групи, кој го изработи тим од нашата установа.
Придобивките од учеството во вакви проекти се огромни и искуството со кое се здобивме при имплементацијата е непроценливо, поради што се надевам дека по финализирање на активностите со овие два проекти, во најскоро време ќе продолжиме со работа на нови иницијативи и проекти“, истакна Д-р Виолета Мојсовска.