Масовен граѓански протест денеска се одржа во Охрид, на кој граѓаните побараа правда за претепаната Сара и испратија силна порака против насилството врз жените. Според проценките на организаторите и присутните, одзивот бил најмалку 20 пати поголем од оној на претходниот протест организиран од опозициската СДСМ.
View this post on Instagram
Протестот беше организиран преку Вибер-група, во која охриѓани самоиницијативно се здружија со цел да го изразат својот револт од насилството и да побараат одговорност од институциите.
За разлика од претходниот протест, кој доби партиска димензија по вклучувањето на СДСМ, денешниот собир беше претставен како автентична граѓанска иницијатива, без партиски организатори.
На протестот присуствуваше и таткото на Сара, како и голем број нејзини роднини, пријатели и другарки, кои заедно со останатите граѓани побараа правда и институционална одговорност.
РЕВОЛТ ПОРАДИ МЕШАЊЕТО НА СДСМ ВО ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА
Да потсетиме, првичната иницијатива за протест започна спонтано, преку самоорганизирање на граѓани во Вибер-група, но по вклучувањето на лица поврзани со СДСМ се појавија сериозни несогласувања.
Дел од граѓанските активисти обвинија дека опозициската партија се обидела да ја преземе организацијата и да го искористи револтот на јавноста за политички цели.
Ваквиот развој на настаните предизвика незадоволство и дистанцирање од партискиот протест. И семејството на Сара претходно побара случајот да не се злоупотребува за дневнополитички пресметки.
Денешното присуство на таткото и другите членови на семејството на граѓанскиот протест дополнително ја нагласи разликата меѓу нивната поддршка за барањето правда и противењето на партизацијата на случајот.
ДАЛИ МАСОВНОСТА НА ПРОТЕСТОТ ОТКРИВА ДЛАБОКА КРИЗА ВО ОПОЗИЦИСКИОТ ПРОСТОР?
Огромната разлика во одзивот на двата протеста отвора и пошироко политичко прашање: дали граѓаните сè помалку ги препознаваат традиционалните опозициски партии како автентични претставници на нивното незадоволство?
Доколку се потврдат проценките за посетеноста, денешниот протест може да се толкува како сериозен сигнал дека граѓанските иницијативи имаат потенцијал да мобилизираат далеку повеќе луѓе од партиските структури.
Во политичка смисла, ваквиот развој отвора прашање дали на опозициската сцена се создава голем празен простор, кој во иднина би можел да биде пополнет со нови политички или граѓански движења.
Она што денешниот протест недвосмислено го покажа е силната мобилизација на охриѓани околу барањето правда за Сара, но и желбата на дел од граѓаните оваа борба да остане независна од партиските интереси.
View this post on Instagram


















