Предметот за бруталното претепување на младата Сара во Охрид, случај кој предизвика огромен револт во јавноста, според информации доставени до Ohrid1, му е одземен на досегашниот јавен обвинител Стојанче Арнаудоски.
Постапувањето по предметот, според истите информации, го презема јавната обвинителка Викторија Коваческа Мандулоска од Основното јавно обвинителство Охрид.
Оваа промена доаѓа во период на силни реакции во јавноста и барања за целосно и непристрасно расветлување на случајот.
Според информациите што ги доби Ohrid1, причината за одземањето на предметот од Арнаудоски е наводна блискост со семејството на осомничениот Кристијан Корабоски.
Станува збор за семејството на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, и нејзиниот сопруг Гоце Корабоски, кој во медиумските извештаи е наведен како инспектор во Управата за јавни приходи.
Според сознанијата доставени до редакцијата, Арнаудоски бил куќен пријател со семејството Корабоски. Овие информации засега не се независно потврдени, ниту има официјално образложение дека евентуалната блискост е причина за промена на обвинителот.
На официјалната веб-страница на Јавното обвинителство е потврдено дека Викторија Коваческа Мандулоска и Стојанчо Арнаудоски се обвинители во ОЈО Охрид.
Случајот доби дополнително внимание откако за осомничениот беа определени мерки на претпазливост наместо притвор. Слободен печат
Сега се поставуваат неколку сериозни прашања: Дали навистина постоел однос на блискост меѓу досегашниот обвинител и семејството на осомничениот? Дали таквиот однос бил пријавен како можна причина за изземање? И дали промената на обвинителот ќе влијае врз понатамошниот тек на постапката?
Од Основното јавно обвинителство Охрид се очекува официјално да потврди дали предметот е прераспределен, кога е донесена таквата одлука и кои се причините за неа.
Ohrid1 ќе продолжи да го следи случајот и да бара одговори за постапувањето на надлежните институции.


















