Охрид добива нова инвестициска најава која се очекува да придонесе за развојот на локалната економија, отворање нови работни места и зајакнување на домашното стопанство. Компанијата АСП ПАК ќе гради нов современ производствен комплекс, со што ги најавува своите развојни планови и проширувањето на производствените капацитети во градот.
На настанот по повод оваа инвестиција присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Од локалната самоуправа посочуваат дека развојот на општините е тесно поврзан со создавањето поволна деловна клима, привлекувањето инвестиции и поддршката на домашните компании. Во таа насока, новиот производствен комплекс на АСП ПАК се оценува како значаен чекор за економскиот развој на Охрид.

АСП ПАК е компанија која својата деловна приказна ја гради токму во Охрид, а со досегашното работење има придонес во локалната економија и отворањето работни места. Покрај стопанската дејност, компанијата е препознаена и по поддршката на спортот, особено ракометот.
Соработката меѓу компанијата и локалната самоуправа, како што беше посочено, придонела и за остварување на значаен спортски успех – освојувањето на првата европска титула во Охрид.
Очекувањата се дека новата инвестиција ќе претставува поттик и за други компании да ги прошират своите капацитети и да инвестираат во Охрид, придонесувајќи кон отворање нови можности за граѓаните и натамошен економски развој на градот.

















