Што се случува кога македонскиот менталитет ќе се сретне со вештачката интелигенција? За Бојан Велевски, оваа средба е основата на стендап шоуто „Chat GPT и Македонците“, чиј текст го создава заедно со Божидар Божиновски. Пред настапот во Охрид на 5 ноември, Велевски зборува за хуморот, темите што ги обработува на сцената, односот на публиката кон културните настани и можноста за уште една изведба.

Твоето стендап шоу „Chat GPT и Македонците“ бележи голем успех низ Македонија. Што може да очекува охридската публика на 5 ноември?
— Текстот го работевме заедно со Божидар Божиновски. Јас пишував за менталитетот, а тој го вметна ChatGPT како контраст. Слободно можам да кажам, бидејќи редовно одам на настапи кај сите и гледам во кој правец се движи стендап сцената, дека имаме текст кој поместува граници во квалитативна смисла.
Не велам дека е „најсмешен“, само велам дека во себе има повеќе нивоа на комедија, суптилни пораки и зборува за сериозни теми кои особено го мачат младиот човек, како што се депресијата, анксиозноста, зависноста од технологија итн.
Текстот е чист! Нема ниту една вулгарност и публиката слободно може да дојде и во фамилијарен состав.
На настапот во Охрид се очекува публика и од Струга, Кичево, Дебар и Ресен. Што би им порачал на стружани и на публиката од целиот регион?

— На стружани само кратко би им порачал дека, ако сакаат да им се случат промени во културно-забавната програма во градот, треба да поработат на своите навики кога се во прашање настани за кои купувањето билет е задолжително. Веднаш ќе има промена на подобро и помалку ќе треба да одат во Охрид на забава.

Како се роди идејата за „Chat GPT и Македонците“? Македонците денес го прашуваат ChatGPT буквално за сè – што да јадат, како да се облечат, каде да патуваат, но и за здравје, љубов и семејни проблеми. Колку оваа секојдневна навика ти беше инспирација за шоуто?
— Јас пишував за нас, Македонците, а Божо сето тоа го стави низ призмата на најновата технологија, која веќе сериозно го придвижува напредокот во светот. Така добивме контраст кој е толку силен и интересен што уживам во секоја изведба досега.
ChatGPT полека станува и пријател, и психолог, и доктор, и советник на Македонците. Кои се најапсурдните и најсмешните ситуации што ги обработуваш во шоуто? И дали мислиш дека еден ден ChatGPT ќе може сам да напише добар стендап?
— Во самото шоу, заедно со публиката, создаваме македонски ChatGPT. Откако ќе го направиме заедно, оттука тргнуваат и најсмешните ситуации. Ако одговорам подетално, ќе откријам премногу и ќе ја расипеме забавата. Вака, ексклузивно ќе уживаат само 600 луѓе кои ќе бидат во салата.
Со оглед на интересот за настапот во Охрид, дали постои можност за уште една изведба?
— За жал, останува навиката во Охрид во последната недела да се купат 50 проценти од билетите. Со самото тоа, охриѓани сами си ја скратија опцијата за реприза во наредните четири-пет месеци. Сите оние градови кои предвреме ги распродадоа салите добија втора и трета изведба.
Свесен сум дека, како и претходните двапати, ќе останат 300–400 луѓе без билети во последните два дена. Но, овој пат јас немам време да се организирам за реприза во Охрид, затоа што предност добиваат градовите кои одамна ги распродадоа салите.
И зошто публиката од Охрид и регионот не треба да го пропушти ова шоу?
— Ова е убедливо најквалитетниот текст што го имам во овие 15 години кариера. Сметам дека е еден од најкомплетните текстови на сцената во изминатите десетина години и ова најодговорно го тврдам! Сметам дека ова е доволна препорака.

















